По скандалот со „Панама Пејперс“, во Белгија вратени 16 милиони евра


Откако изби скандалот „Панама Пејперс“ во 2016 година, белгиските власти успеале да повратат 16 милиони евра скриени во офшор компании, но овој износ е помал од тоа што го очекуваше државата.

Како што јави дописничката на МИА од Брисел, белгиската истражувачка мрежа во 2016 година идентификуваше 732 државјани на Белгија, кои користеле офшор компании во Панама и други даночни оази. Оттогаш, белгиската управа за јавни приходи успеала да поврати нешто повеќе од 16 милиони евра, открива денеска новинарскиот конзорциум кој го обелодени скандалот пред три години.

Во јули 2016 година, тогашниот белгиски министер за финансии изјави дека очекува околу 65 милиони евра да бидат вратени во државната каса на земјата. Од другите афери со затајување данок, како „ЛуксЛикс“ или „Парадајз Пејперс“, во Белгија се вратиле најмалку 634 милиони евра.

Од избивањето на скандалот со „Панама Пејперс“, во САД се вратени повеќе од една милијарда евра, 224 милиони во Велика Британија, 140 милиони во Шпанија и 120 милиони во Франција.