По речиси една деценија Дибиров заминува од Вардар 1961


Рускиот ракометар Тимур Дибиров најави дека на крајот од оваа сезона ќе ги напушти редовите на Вардар 1961, по цели девет години во кои со „црвено – црните‘ освои две европски титули.

– Ова е мојата последна сезона во дресот на Вардар. Натпреварот со Веспрем беше мојот последен во Лигата на шампиони. Најмногу би сакал во Битола да го победиме (Еурофарм Пелистер) и да ја освоите титулата, и на тој начин да се простам од дресот на Вардар, изјави Дибиров во видеоинтервју за „Само ракомет“ (samorakomet.mk).

Дибиров во 2013 година се пресели од Чеховски медведи во Вардар и се стекна со статус на играчка икона во скопскиот клуб со кој во два наврати ја освои европската Лига на шампиони.

Руското 38-годишно лево крило му помогна на Вардар да освои и по шест титули во домашното првенство и куп, три титули во Суперкупот, како и четири трофеи во регионалната СЕХА лига.