По речиси два и пол месеци, 24 часа без смртен случај од Ковид-19 во Косово


По првпат во последните 72 дена во Косово во едно деноноќие не е забележан ниту еден смртен случај како последица на Ковид-19, објави Националниот институт за јавна медицина на Косово (ИШПК) во својот редовен извештај за состојбата со епидемијата на новиот коронавирус.

Како што јави дописникот на МИА од Приштина, според официјалните статистики, бројот на жртви на пандемијата во Косово останува ист како и вчера – 568.

Во изминатите 24 часа се тестирани 481 лице за кои постоело сомневање дека се заболени од Ковид-19, при што се откриени нови 97 заразени. Со тоа, вкупната бројка на лица кај кои е откриен вирусот, од почетокот на пандемијата, достигна до 14.301.

ИШПК наведува дека во последниот извештаен период се забележани и 139 излекувани, со што бројката на лица кои ја совладале болеста достигна до 10.782.

Активни носители на вирусот во Косово, според ИШПК, моментно се 2.951 лице.