По реакциите на јавноста, Министерството за правда се откажа од „негативно мислење“

„Само фалете ја власта дека ве усреќува и нема никогаш да ве тужат за клевета“


Министерството за правда соопшти дека формулацијата во однос на предлог Законот за граѓанска одговорност каде за навреда се одговара и за „негативно мислење“, е грешна формулација за што ќе се интервенира веднаш во амандманската расправа.

„Министерството за правда целосно ги поддржува новинарски слободи и права и сите закони ги носи заедно со здруженијата, а во интерес на објективното и слободното информирање“, се додава во реакцијата на Министерството.

Во членот 6 од предлогот на овој закон, во делот одговорност за навреда и клевета, пишува: „За навреда одговара тој што за друго лице со утврден или очевиден идентитет, со намера да наштети на неговата чест и углед, со изјава, содржина, однесување, објавување или на друг начин ќе изрази омаловажувачко, понижувачко или негатиивно мислење“.

Претходно повеќе правници реагираа на овој законски предлог.

„Само фалете ја власта дека ве усреќува и нема никогаш да ве тужат за клевета“, коментираше на адвокатот Александар Тортевски, еден од основачите на партијата Твоја.

На овој предлог вчера реагираше и адвокатот Јанаки Митрoвски: „Новиот предлог да се одговара за навреда и за ‘негативно мислење’ не е ништо помалку од цензура на мала врата! Јас можам да напишам дека Владата не работи добро – оп тужба за навреда. Комшијата има лоша фризура – оп навреда. Кои латентни нацисти сте Вие!”, пишува за предлогот на владата адвокатот Митровски

Предлог-законот за граѓанска одговорност за навреда и клевета што го предлага Владата, преку Министерството за правда, деновиве влезе во собраниска процедура.