По пожарите во Грција – 118 објекти се несоодветни за употреба


По пожарите што зафатија повеќе делови на Грција во изминатиот период, завршија проверките од Генералната дирекција за санација на последиците од природни катастрофи и спроведени 325 увиди со цел евиденција на штетите, процена на состојбата на објектите и навременото активирање на постапките за државна помош за погодените, при што 118 објекти биле обележани како „црвени“, односно несоодветни за употреба, јави дописничката на МИА од Атина.

Од Министерството за климатска криза и цивилна заштита на Грција соопштија дека се завршени 325 увиди на објекти, 88 се во „зелената категорија“, без штети, 119 објекти се во „жолтата“ и се потребни одредени интервенции, а во категоријата со најголеми штети, што најчесто треба целосно да се урнат се 118 од проверените објекти.

Најголем број увиди биле извршени во западниот дел на областа Атика, поширокиот регион на Атина, каде што пожарот речиси шест дена беше активен и биле спроведени вкупно 206 проверки, што покажале дека 84 објекти се несоодветни за употреба, 65 се во „жолтата категорија“, а останатите 57 се без штети.

Во јужниот дел на островот Крит, во близина на градот Ретимно по пожарот од минатата седмица, по спроведените 55 увиди, 19 објекти се во „црвената категорија“.

Проверки имало и во останатите делови на земјата, зафатени од пожарите, односно во регионалните единици Ахаија, Арголида, Виотија и Фокида што се во централна Грција и на Пелопонез, при што од 64 увиди, 15 објекти биле оценети како несоодветни за употреба.

Заменик-министерот за климатска криза на Грција надлежен за прашања поврзани со државната помош Христос Кацафадос посочи дека спроведените проверки се „прв и особено клучен чекор за евидентирање на штетите и за добивање целосна слика за состојбата во погодените подрачја“.

– Во повеќе области постапката за проверка веќе е завршена и сега преминуваме во следната фаза, односно собирање и доставување на документацијата на погодените од страна на општините. Општините и перифериите се детално информирани за потребните чекори, рече Кацафадос.

Додаде дека штом документите ќе пристигнат до надлежните служби за државна помош, започнува постапката за исплата на предвидената финансиска поддршка.