Пo повод Илинден, посебен режим на сообраќај утре во Скопје

Поради одржување на настан за одбележување на празникот 2 Август, утре (сабота) со почеток во 9 часот, па се до завршување на настанот, Единицата за безбедност на патниот сообраќај при СВР Скопје ќе преземе мерки за посебен режим на сообраќајот во централното подрачје на Скопје.
Сообраќајот ќе биде затворен делот пред зградата на Собранието на РСМ и тоа од бул. „Кочо Рацин“ до ул.„11-ти Октомври“ (кај зграда на Црвен Крст) и крстосницата од „Филип Втори Македонски“ до ул.„Кеј 13-ти Ноември“.
Апелираме до сите учесници во сообраќајот да ги почитуваат наредбите кои ќе ги даваат униформираните полициски службеници, велат од МВР.
Државниот врв и оваа година ќе го одбележи националниот празник Илинден на различни локации, следејќи ја долгогодишната традиција за чествување на двата Илиндена-Крушевскиот и АСНОМ-скиот.
Премиерот Христијан Мицкоски ќе биде дел од свеченостите во Скопје, каде ќе положи свежо цвеќе и ќе има свое обраќање по повод празникот.
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, ќе присуствува на централната манифестација во Крушево, на Мечкин Камен-симболот на Крушевската Република и илинденското востание од 1903 година.
Спикерот Африм Гаши нема да присуствува на ниту една од државните манифестации поради здравствени причини, па поради тоа собраниската делегација ќе ја предводи потпретседателката на Собранието, Весна Бендевска која ќе положи цвеќе на Меморијалниот центар „АСНОМ“ во Пелинце.