По повеќе од 40 години, специјалците добија нови интервентни возила


Во полицискиот центар во Ѓорче Петров денеска беа предадени во употреба 10 нови возила за брза интервенција за потребите на специјалните единици, донација од Чешката Република.

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, кој ја следеше презентацијата на возилата, истакна дека овие интервентни возила биле повеќе од потребни, со цел да се зголеми ефикасноста, имајќи предвид дека возилата кои ги користеле овие единици, биле со старост од 49 години.

– Сите интервентни возила се набавени по спецификација, што директно беше изготвена од страна на специјалните единици за нивните потреби и врз основа на тие потреби беа направени односно прилагодени во македонска фирма во Скопје, изјави министерот Спасовски и додаде дека тоа покажува оти имаме сериозен капацитет за да можеме потребите на полицијата да ги обезбедиме и во нашата држава.

Тој им се заблагодари на Амбасадорот на Чешка и на Владата на Чешката Република за се она што го правеше, како што рече, да ги јакне капацитетите на македонската полиција, со цел успешно да се справуваме со мигрантската криза.

Најавувајќи дека се подготвува и нова набавка на возила, тој изрази надеж дека со овој тренд на обезбедување на опрема на услови за работа, ќе се подигне нивото на мотивираност на македонската полиција, нивната професионалност, а со тоа сериозно ќе се зголеми оперативноста на полицијата и безбеноста на државата.