По потврденото присуство на варијантата омикрон, Словенија започнува нова кампања за вакцинација


Словенија ја интензивира кампањата за вакцинација поради првите потврдени инфекции со варијантата омикрон, стравувајќи дека позаразниот сој е сè поприсутен и може да предизвика нов бран од епидемијата, соопшти денеска владата.

Во соопштението се наведува дека центрите за вакцинација на сегашните локации до 24 декември ќе работат од 8 до 20 часот, а граѓаните ќе можат да се вакцинираат без претходна најава, додека за божиќните празници едно место ќе биде отворено и во текот на ноќта, во сите административни региони, од 20 до 08 часот, пренесува Хина.

– Откривањето на кластер со сојот омикрон може да биде најава за нов бран, изјави министерот за здравство Јанез Поклукар во соопштение за медиумите по најавата дека првите четири случаи се потврдени во Љубљана.

„Клучно е строго да ги спроведеме сите мерки, а најдобра мерка е вакцинацијата“, додаде министерот и предупреди дека се успорува смирувањето на четвртиот бран на епидемијата, што може да значи дека е поприсутната позаразна варијанта, повеќе отколку што се мислеше.

– Имаме 190.000 луѓе на возраст над 50 години кои се уште не се вакцинирани, предупреди министерот, додавајќи дека тоа е потенцијална закана уште 15 до 20.000 луѓе да завршат во болница.

Вирусот може да ги наполни болниците до пролет, предупреди Поклукар, повикувајќи ги граѓаните да бидат одговорни и да се вакцинираат.

Тој додаде дека денес во Словенија би имало до три пати помалку хоспитализирани лица со Ковид-19 доколку беше вакцинирано 80 отсто од населението.

Досега ниту еден вакциниран пациент до 45 години не завршил на одделенијата за интензивна нега поради Ковид-19 на респиратор, изјави Покуклар.