По потсмевот во јавноста: Собранието демантира дека не работи, се координирале!


 Работата на Собранието и пратениците продолжува во други вообичаени форми, вклучително и координација меѓу пратениците и пратеничките групи, ангажирање во подготовката и разгледувањето на предлог законите, како и состаноци на различни нивоа. Откажани се пленарните седници, комисиите и неколку други настани за кои е потребно присуство на медиумите, појаснуваат од Кабинетот на претседателот на македонското Собрание.

Појаснувањето доаѓа по реакциите во јавноста откако по трагичниот пожар во Кочани во кој загинаа 59, а беа повредени над 200 лица, Собранието ги одложи своите активности за две недели.

-Во врска со реакциите за неодамнешната одлука за одложување на активностите на Собранието минатата и оваа недела, сакаме да појасниме дека Собранието на Северна Македонија и пратениците работеа и продолжуваат да работат. Откажани се пленарните седници, комисиите и неколку други настани за кои е потребно присуство на медиумите. Оваа одлука е донесена консензуално со сите координатори на пратеничките групи, на координативната средба, во знак на солидарност по трагедијата во Кочани и за изразување почит кон жртвите, се вели во денешното соопштение од Собранието. 

Сепак, се додава, работата на Собранието и пратениците продолжува во други вообичаени форми, вклучително и координација меѓу пратениците и пратеничките групи, ангажирање во подготовката и разгледувањето на предлог законите, како и состаноци на различни нивоа.

Пратениците, нагласуваат од македонското Собрание,  се активни и посветени на законодавните процеси. Секоја изјава со која се претпоставува дека паузираат е неосновано обвинување кое претставува тенденција за манипулирање со мислењето и нарушување на угледот на Собранието и народните избраници.

На социјалните мрежи, инаку, пратениците веќе неколку дена се предмет на потсмев поради одлуката да паузираат и фактот дека не успеаја да се договорат колку да донираат за настраданите во Кочани. Потсмевањата се околу тоа дека не им се погодило времето за Грција, па до тоа дека пратеник на бугарското Собрание собрал 32.000 евра за настраданите во Кочани, а тие собрале „нула“. 

„Одмарате, другари? Добри сте? Во Собрание план за евакуација имате? Реновирањето по сите прописи ви е? Плата ќе ви стигне месецов? Ќе си изгласате уште некое покачување? Ќе дадете некоја донација? Ова вака, пошто немате идеја за пратенички прашања, па да ви помогнеме“, е една од реакциите на Твитер. На иста линија се и останатите:

„Невиден кикс направија пратениците што сами на себе си доделија одмор… Ниту копате, ниту дремете закачени на скеле, нивната работа се состои од притискање на копче и толку и за таа работа се платени над 2000 евра, пари што 90% од граѓаниве тука ги сонуваат“.

„Бугарскиот пратеник кој ги донесе собраните 35.000 евра донација за настраданите во трагедијата, веднаш се вратил во бугарскиот парламент. Според извори кои сакаа да останат анонимни, не подигнал ни патни трошоци од Софија до Кочани, иако сам ја сменил гумата која му се дупнала попат“.

„Пратеници од Собрание на Северна: Земени пари за ПАТНИ ТРОШОЦИ и КИРИИ за 2024та – (над) 325,000€. Донирани пари за настраданите во Кочани – 0€ Неработни денови во време на кризни периоди: над 14…“

„Цел свет донира за Кочани, на меч Австрија Србија се читаат имињата на загинатите и се оддава почит, нашиве 120 ….на одмор, пази, да не се степале! Па степајте се и, ич не се враќајте“.

„Па да бев македонски пратеник и да го видев ова… Од срам ќе се заангажирав, ќе најдев спонзори, ќе направев донаторски вечери, ќе ги напнев колегите да донираме дневници и ќе направев се за да собереме дупло поголема сума. И ќе ги проневерев“.

„Овде имате листа на сите пратеници со мандат во моментов. Многумина имаат и твитер профили. Пингајте ги и прашајте ги зошто за време на една од најголемите трагедии во Македонија тие можат да земат 2 недели одмор, а возачот на амбулантата од Кочани не.“