По понудата на Заев за средба: Мицкоски ќе дојде само ако се договорат предвремени избори


ВМРО-ДПМНЕ останува на ставот дека лидерот Христијан Мицкоски ќе седне на заедничка маса со премиерот Зоран Заев само доколку се разговара за предвремени парламентарни избори. Претседателот на владата денеска ги повика Мицкоски, Ахмети и Села во петок во 14 часот во Клубот на пратеници за да се договорат за пописот, СЈО и Изборниот законик.

„Ние сме децидни дека на таа лидерска средба како прво и единствено прашање мора да се разговара за предвремени парламентарни избори. Во однос на денот и времето и локацијата, дополнително ќе биде анализирано во органите на партијата и ќе биде одлучено согласно агендите на претседателот и временските можности. Веднаш потоа може да се разговара за се останато“, коментираат во партијата.

Според нив, и во денешното обраќање на Заев се видело дека тој бега од избори со самото тоа што кажал оти може да се разговара за Изборниот модел, меѓутоа да не бидат под притисок за предвремени парламентарни избори.

„Со самото тоа тој покажува дека се плаши, од проста причина што целата јавност е сведок на големата корумпираност, на неговото давење во скандали, на најкорумпираната влада во моментот, на наместени тендери, на лични провизии…“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.