По половина век производство: Последниот Боинг 747 ја напушти фабриката
По повеќе од половина век, последниот Боинг 747 ја напушти фабриката во државата Вашингтон во вторникот.
Џамбо џетот 747 презеде многу улоги – товарен авион, комерцијален авион кој може да превезува речиси 500 патници и претседателски авион Air Force One – откако дебитираше во 1969 година. Тоа беше најголемиот комерцијален авион во светот и првиот авион на две нивоа, и продолжува да ги надминува повеќето други авиони.
Дизајнот на авионот вклучуваше втора палуба што се протегаше од пилотската кабина кон задната страна преку првата третина од авионот, давајќи му карактеристична грпка што го направи авионот веднаш препознатлив и го инспирираше прекарот – Кит. Во поелегантна варијанта, 747 стана познат како кралица на небото.
Повеќе од 50.000 вработени во Боинг ги произведоа првите 747 за помалку од 16 месеци. Оттогаш компанијата комплетираше уште 1.573.
Но, во последните 15 години, Боинг и неговиот европски ривал Ербас произведоа нови широкотрупни авиони со два мотори наместо четирите на 747. Тие се поекономични и поисплатливи.
„Делта“ беше последната американска авиокомпанија што го користеше 747 за патнички летови, кои завршија во 2017 година, иако некои други меѓународни авиопревозници продолжуваат да летаат со нив, вклучително и германската авиокомпанија „Луфтханза“.
Крајниот клиент е карго-превозникот „Атлас ер“, кој на почетокот на оваа година нарача четири товарни 747-8. Последниот излезе од огромната фабрика на „Боинг“ во Еверет, Вашингтон во вторникот вечерта.
„Боинг“ има свои корени во областа Сиетл, а има фабрики во државата Вашингтон и Јужна Каролина. Компанијата во мај објави дека ќе го пресели своето седиште од Чикаго во Арлингтон, Вирџинија.
Преселбата во областа Вашингтон ги приближува нејзините директори до клучните федерални владини функционери и Федералната управа за авијација, која ги потврдува патничките и товарните авиони на „Боинг“.
Односите на „Боинг“ со ФАА беа затегнати по фаталните несреќи на неговиот најпродаван авион, 737 Макс, во 2018 и 2019 година. На ФАА ѝ беа потребни речиси две години – многу подолго отколку што очекуваше „Боинг“ – да ги одобри промените во дизајнот и да го дозволи авионот да се врати во воздухот.