По политичкиот земјотрес во Бугарија – што ќе направи претседателот Радев
Разрешувањето на главниот обвинител Иван Гешев до недоамна изгледаше како незамислива ситуација поради неговата огромна моќ
во Во Бугарија денеска се случи она што само до пред извесно време беше незамисливо – беше сменет главниот обвинител Иван Гешев, кој има огромна моќ во политичкиот и судскиот систем на државата. Врховниот судски совет (ВСС) го разреши Гешев заради една негова изјава – за „политичкото ѓубре во Народното собрание“ – со која, според оценката на членовите на ВСС, го нарушил престижот на судството.
Сега топката оди кај претседателот Румен Радев, кој со указ мора да ја потврди одлуката на ВСС за престанок на мандатот на Гешев. Но претседателот може да одолговлекува, да се повикува на Уставниот суд. Во бугарските политички кругови не се знае како точно ќе постапи Радев, ако се земе предвид дека тој уште кога го доделуваше мандатот на Николај Денков јавно ја саботира новата влада составена од коалицијата Продолжуваме со промената – Демократска Бугарија и ГЕРБ.
За одлуката беа потребни две седници и сослушување на сведоци и целата постапка почна минатиот четврток. Гешев, кој на седницата на ВСС дојде со адвокат, брзо ја напушти денешната расправа со изговор дека оди во Стразбур да разговара со европратениците за случајот „Барселонагејт“ и истрагата за фотографиите од фиоката во спалната соба на Бојко Борисов.
Гешев на оваа функција беше избран на крајот на 2019 година со цврста поддршка на ГЕРБ и партијата ДПС, со кои беше во извонредни односи. Во ВСС имаше цврсто мнозинство при неговиот избор за мандат од седум години, но тој падна по три години.
Сè започна со чудната експлозија до неговиот блиндиран автомобил на 1 мај и продолжи со барањето на ГЕРБ (поддржано од ДПС) дека првата работа на новата влада ќе биде да бара смена на Гешев. Тој одби да поднесе оставка и се закани дека ќе го исчисти „политичкото ѓубре“, посочувајќи го пред сѐ „лицето Бојко Методиев Борисов“, кој до пред еден месец беше недопирлив, а Гешев зборуваше за него како за обвинет.
Гешев во понеделникот за првпат го спомна озлогласениот пратеник Делјан Пеевски од ДПС (кој е санкциониран од САД според Законот Магнитски, како и од Британија) меѓу луѓето кои стојат зад обидот за негово отпуштање.
„Опасноста е да се вратиме во времето на Политбирото. Верувам дека ВСС нема да влезе во распоредот на Делјан Пеевски и Бојко Борисов“, рече Гешев пред седницата на судскиот совет, а подоцна тоа го повтори и пред членовите на ВСС.
„Секој Бугарин, ако сега се наведне, веќе нема да може да се исправи откако ќе се случи ова – од обидот за убиство и кршење на какви било принципи во однос на главниот обвинител – замислете какви гаранции има секој судија, како и секој Бугарин“, рече Гешев пред да замине.
Од 21 члена на ВСС, 16 ја поддржаа одлуката за разрешување на Гешев, а четворица беа „против“.
Постапката за смена на јавниот обвинител мора да заврши со издавање на претседателски указ. Тој може да го одбие или да го потпише указот.
Шефот на државата нема право двапати да одбие да издаде указ за разрешување на главниот обвинител. Но интересно е дека нема рок во кој Радев е обврзан да го издаде указот. Тоа значи дека Радев може да го остави Гешев на функција со месеци за да ја започне својата кампања против партиите во новата влада.
Пред да го напушти состанокот на ВСС и да замине за Стразбур Гешев изјави: „Моето учество ќе биде многу интересно“. Тој побара да одлуката за разрешување да не биде ставена на гласање додека не се врати од Стразбур. Но тоа беше одбиено.