По погреб и од изборите корона вирусот се шири во Демир Хисар, овој месец 22 новозаболени

Првото заболено лице од корона вирусот во Демир Хисар е регистрирано во мај, вториот случај во јуни, а сите останати 22 случаи овој месец

 

Анета Блажевска

БИТОЛА – Речиси и да нема ден во последниот месец а да нема новозаболени од корона  вирусот  во малото гратче Демир Хисар на југозападот од државата. Вирусот, според демирхисарци, најверојатно се шири после погреб во Мургашево од пред две недели, ама и после изборите, каде позитивен на вирусот е и кандидат за пратеник од една политичка партија, велат жители на ова гратче за „Независен“.

Заклучно со неделата (26.07) регистрирани се 24 позитивни случаи , а она што е симптоматично е што дури 22 од позитивните се заразиле во текот на овој месец. Активни се 22 случаи, а досега оздравеле само двајца, односно овој месец само еден оздравел.

Според увидот во статистиката на Министерството за здравство од 10  јули до денес во Демир Хисар се заразиле 21 лице. Односно секој ден се дијагностицира  вирусот кај еден, двајца и најмногу кај тројца инфицирани.

Според статистиката на Центарот за јавно здравје во Битола до 15 јули, во Демир Хисар имало потврдени 12 случаи од кои 11 активни, а сега после само 12 дена таа бројка е удвоена.

Според наши соговорници од Демир Хисар критични се селата Мургашево, Сопотница, Журче и Слепче. Едни се заразиле од приватна фирма која се занимава со испорака на пратки, други на погреб, кај трети вирусот се шири после изборите и во кругот на семејствата, а заболен е и шалтерски работник во една филијала на банка.

„Во Слепче седум лица се заразени од вирусот и тоа се членови на две семејства. Исто така, има три лица болни во Сопотница, Журче, а најкритично е во Мургашево, десетина заболени, бидејќи таму имаше погреб на младо лице каде, верувајте, немаше човек од Демир Хисар што не отиде да запали свеќа. Имаше многу народ од повеќе градови, а први симптоми јавија соседите“, вели жител на Слепче, кој сакаше да остане анонимен.

Во Демир Хисар маски се носат најчесто за во продавница или за влез во некоја фирма, или во зградата на Општината, односно според нашите соговорници, социјалната дистанца не се почитува, а и заради земјоделските активности на нива, не се практикува носење на маски.

„Луѓето се на тутун, по ниви, на жнеење, и во овој пекол ретко кој носи маска, не се издржува, а и луѓето се сите роднини, блиски па дружењето е неизбежно, си помагаат  се гледаат кој за работа, кој за дружба. Активност имаше и за време на изборите, и од тоа не се знае што ќе излезе, еден кандидат за пратеник е позитивен, а имал контакт со многу лица.  Мразот е тенок во Демир Хисар со вирусот“, велат наши соговорници. За ситуацијата според демирхисарци придонело и неказнувањето за неносење маски од страна на полицијата.

Градоначалникот Марјанче Стојановски ни изјави дека била уште оваа недела, па затоа го редуцирал бројот на вработени во општината.

„Ги замолувам граѓаните да носат маски и да одржуваат дистанца, ситуацијата  е критична ова недела, до петок, зашто тогаш поминува 21 ден од погребот и две недели од изборите. Во локалните институции го сведов бројот на вработени на минимум, за да нема раздвиженост и контакти, и заедно со Кризниот штаб ја следиме ситуацијата“, вели Стојановски.

Кризениот штаб на Општина Демир Хисар ги предупредува граѓаните дека бројот на заболени расте и затоа мора да ги почитуваат мерките и препораките од МЗ.

„Сведоци сме на зголемување на бројот на заболени наши сограѓани од коронавирусот од тие причини, апелираме до сите наши сограѓани да ги почитуваат мерките и препораките за заштита и превенција од вирусот. Граѓаните да не се лечат на своја рака, туку веднаш да се јават кај своите матични лекари.

Оние граѓани кои се во самоизолација да се воздржуваат од излегување од дома, да не примаат гости и да ги избегнуваат сите контакти. Доколку имаат потреба од набавка на лекови или прехранбени производи, да се обратат до нас“, велат од Кризниот штаб.

Првото заболено лице од коронавирусот во Демир Хисар е регистрирано во мај, вториот случај во јуни, а сите останати 22 случаи овој месец, кај сите нив болеста е во тек.