По пет децении за првпат се реконструира патот од Кичево до Македонски Брод


Реализацијата на капиталните инвестиции, стимулирање на градежништвото и македонската економија во овој период кога се соочуваме со Ковид-кризата е наш приоритет, изјави министерот за транспорт и врски Благој Бочварски. кој денеска во Кичево заедно со директорот на ЈП за државни патишта Зоран Китанов извршија увид во рехабилитацијата на регионалниот пат Кичево – Македонски Брод, кој после пет децении по прв пат се реконструира.

Патот Кичево – Македонски Брод се обновува во должина од 26 километри, а вредноста на инвестицијата изнесува 3,15 милиони евра. Градежните работи на делницата што се во тек, се очекува да бида завршена во јули следната година.

-Македонските градежни компании се активни на терен и интензивно работат на реализација на инфраструктурните проекти. Во ова време, кога се соочуваме со Ковид-кризата, заедно со другите институции преземаме конкретни активности со цел да ги вбризгаме парите во што е можно поголем обем во македонската економија. Наша примарна цел е преку крупни капитални инвестиции да ја доведеме целокупната патна инфраструктура во државата на повисоко ниво, со што истовремено ќе отвориме нови работни места, ќе ја закнеме економијата и ќе ја зголемиме безбедноста во сообраќајот. Пример за тоа е и рехабилитацијата на регионалниот пат Кичево – Македонски Брод, кој е од особено значење за овој регион, со оглед на близината на ТИРЗ зоната и големата фреквенција на возила, изјави министерот Бочварски..

Кога станува збор за Кичевскиот регион, тој најави дека следуваат нови инвестиции во инфраструктурата и оти со силно темпо ќе се продолжи со реализација на проекти со кои ќе ги ангажираат домашните компании и ќе стимулираме раст на градежништвото во земјава.

Директорот на ЈП за државни патишта Зоран Китанов истакна дека во завршна фаза е проектирањето на првата делница од автопатот Кичево – Гостивар.

-Нашата цел е да го комплетираме автопатот на Коридор 8. Веќе обезбедивме грант средства во висина од 17 милиони евра од Европска банка за обнова и развој и во тек се преговори за дополнителни 70 милиони евра за изградба на првата фаза од автопатот Кичево – Гостивар, делницата Кичево-Букојчани во должина од 12,7 километри. Во меѓувреме додека се гради оваа делница, продолжуваме со проектирање на втората фаза, од Букојчани до Горна Ѓоновица и третата делница од Горна Ѓоновица до Гостивар. Во моментов завршуваме со рехабилитација на патот Кичево-Осломеј, а завршува и изработката на проектот за рехабилитација на регионалниот пат Другово-Демир Хисар, како и проектирањето на санација на мостот на река Треска, на влезот од Македонски Брод, изјави Китанов.

На новинарско прашање во врска со автопатот Кичево-Охрид, министерот Бочварски истакна дека на терен се повеќе се засилуваат градежните активности и во периодот што следува се очекува зголемен интензитет на изградба.