По овие изјави ќе го паметиме папата Франциско

Папата Франциско беше хоспитализиран на 14 февруари во римската болница „Џемели“ поради двојна пневмонија. За време на неговата хоспитализација, папата доживеа неколку епизоди на респираторна инсуфициенција, вклучително и бронхоспазам, за кои беше потребна неинвазивна механичка вентилација.
Папата минатиот месец беше пуштен од болница, а вчера се појави пред верниците на Велигден во Ватикан.
Ви претставуваме преглед на најважните изјави кои го одбележаа неговиот понтификат. Од самиот почеток, папата Франциск е познат по својата отвореност за глобалните социјални прашања, сиромаштијата, миграцијата, екологијата и малцинските права. Неговите пораки често предизвикуваа големи реакции, како во Црквата, така и во светот.
За ЛГБТ луѓето
„Ако некој е геј и го бара Господа и има добра волја, кој сум јас да судам?“
(2013 година, повратен лет од Бразил – изјава која стана симбол на промената на пристапот на Црквата кон ЛГБТ луѓето.)
„Бог ги сака сите свои деца, такви какви што се“.
(Во 2023 година, во интервју за Асошиетед прес, кога тој повтори дека хомосексуалноста „не е кривично дело“ и повика на укинување на кривичните закони против ЛГБТ луѓето во светот.)
„Хомосексуалците имаат право да бидат во семејство. Тие се Божји деца и имаат право на семејство.“
(2020 година, документарен филм Франциск. Оваа изјава привлече големо внимание бидејќи беше првпат папата јавно да поддржи правна заштита за истополовите заедници, велејќи дека треба да има законско решение за нивната заедница.)
За мигрантите
„Мигрантите не се закана за нашите култури, обичаи и вредности. Тие се луѓе кои бараат мир.“
(2019 година, говор во Ватикан по повод Светскиот ден на мигрантите и бегалците.)
„Мигрантите денес се симбол на сите оние кои се отфрлени од општеството.“
(2018 година, миса во базиликата Свети Петар, каде што предупреди дека мигрантите премногу често стануваат жртви на рамнодушност и омраза.)
„Ги охрабрувам сите верници на Католичката црква да не подлегнуваат на наративи кои дискриминираат и предизвикуваат непотребно страдање на нашите браќа и сестри мигранти и бегалци.“
(Февруари 2025 година, во отворено писмо до американските католички бискупи, тој ја критикуваше политиката на американскиот претседател Доналд Трамп кон мигрантите.)
За сиромаштијата, нееднаквоста и корупцијата
„Оваа економија убива, не може да се толерира да се троши храна додека луѓето гладуваат.“
(2013, апостолски поттик Evangelii Gaudium.)
„Секој човек има три основни права: земја, дом и работа.“
(2014, говор на средба со општествените движења.)
„Корупцијата смрди.“
(2014, говор во Неапол, за распространетата корупција во Италија и во светот.)
За војната
„Војната е секогаш пораз. Војната никогаш не е решение.“
(2022 година, осуда на инвазијата на Украина.)
„Војната е пораз на политиката и човештвото.“
(2022 година, по избувнувањето на војната во Украина. Тој ја повтори оваа реченица во неколку наврати, додавајќи дека војната ја покажува „немоќта на човекот да бара дијалог“.)
„Војната е светољубие. Сакрилегија против човечкото достоинство.“
(2022 година, обраќање до учесниците на меѓународната мировна конференција во Фиренца. По тој повод, папата рече дека војната никогаш не може да се оправда и е напад на светоста на човечкиот живот.)
За жените, младите, старите луѓе
„Жените се незаменливи во донесувањето одлуки кои го обликуваат животот на Црквата.“
(2020 година, повик за поголема улога на жените во црковните институции.)
„Млади луѓе, не плашете се да сонувате големи соништа и да го промените светот.“
(2019 година, Светски ден на младите во Панама.)
„Отфрлањето на постарите е грев. Тие се чувари на нашата колективна меморија.“
(2014, обраќање до постарите на плоштадот Свети Петар.)
За екологијата
„Не можеме повеќе да гледаме на другата страна во лицето на еколошкото уништување.“
(2015, енциклика Laudato si’.)
„Земјата е нашиот заеднички дом и ние безмилосно ја ограбуваме.“
(2021 година, порака пред Конференцијата на ОН за климатски промени COP26.)