По осум години Општина Аеродром повторно ќе субвенционира обнова на фасади
Обнова на фасади, покриви, ефикасна потрошувачка на заедничка електрична енергија, се дел од проектите кои Општина Аеродорм планира да ги спроведе во следните три години, со цел да ја направи општината енергетски ефикасна.
За жителите на оваа скопска општина тоа ќе значи дека дел од парите потребни за замена на покрив, поставување нова фасада, лифт или систем за влегување и осветлување на влезовите во зградите ќе бидат на трошок на општината, а ден на станарите.
За остварување на оваа програма, Општината планира да ги повика куќните совети кои ќе имаат задача да го изнесат предлогот пред станарите, кои пак ќе се договорат што сакаат да им се субвенционира и да поднесат барање до општината.
Општинска комисија ќе има за задача да ги посети објектите и да утврди во каква состојба се, со цел да се направи приоритет кои згради прво ќе добијат фасади или промена на покривот, а кои можат да издржат уште година, две…
Куќните совети ќе треба да изберат фирма која ќе им изработи некоја од овие поправки или ќе постави електричен систем, а дел од парите ќе бидат исплатени, односно субвенционирани.
– Согласно Европската практика, во рамките на тригодишната Програма за енергетска ефикасност на Општина Аеродром, воведуваме можност за избор од страна на куќните совети на соодветна субвенција за најразличен вид воведена енергетска ефикасност и тоа: нова фасада, ефикасна потрошувачка на заедничкаенергија, обнова на елеватори или замена на кровна конструкција – велат од Аеродром.
– Ќе направиме неколку средби со претставници на куќните совети. Ќе им објасниме што нудиме и што се бара од нив. Барањето нема да биде комплицирано, а тие ќе треба да одлучат што сакаат да им се субвенционира – вели Александар Ѓоргиевски, советник на градоначалникот за „Независен весник“.
Повеќето згради во Општина Аеродром датираат од осумдесеттите години на минатиот век. Фасадите и покривите се дотраени, па граѓаните се соочуваат со загуба на енергија, појава на мувла во становите, протекување од покривите, а замената или обновата на овие делови чини многу.
Дел од граѓаните веќе ги заменија своите фасади, некои ставија нови прозорци, а голем дел од буџетот во куќните совети оди на чести поправки на лифтовите.
Пред повеќе од девет години, Општината субвенционираше нови фасади на дваесетина згради, кои беа и закана за безбедноста на луѓето кои поминуваа покрај нив, затоа што паѓаа цели делови од фасадите.
Вакви субвенции добија и жители на скопските општини Карпош и Центар. Тие досега имаат рефасадирано речиси 100 термички фасади на зградите што се лоцирани на нивна територија. Но, Државнот завод за ревизија уште во 2016 година, констатирал дека локалните власти не само што немаат никаква обврска да прават фасади на приватни згради, туку ги става во подредена положба граѓаните што живеат во куќи или оние чии згради не се реновираат со општински пари.
– Субвенционирањето не е незаконско – вели Ѓоргиевски.
Додава дека жителите на општината во индивидуални куќи се субвенционираат за замена на греењето со поеколошки грејни тела, како инвертери и на тој начин се компензира она што се прави за жителите во колективни објекти.
Општина Аеродорм оваа акција ја планира како дел од Стратегиската платформа за локален економски развој 2021-2015 во своите напори да стане прва општина со ЕУ знаменце.(Б.Б.)