По одлуката на Путин цената на гасот скокна за 20 отсто на над 1.350 долари


Цената на гасот во Европа скокна за околу 20 отсто по одлуката на Путин увозниците од „непријателските земји“ да плаќаат во рубљи.
Цената на гасот во Европа надмина 1.350 долари за 1.000 кубни метри, покажуваат податоците на лондонската берза ICE.

Априлската цена на фјучерсите во центарот ТТФ во Холандија се искачи на 1.353 долари за 1.000 кубни метри или 118,75 евра за мегават час, пренесува Блиц, повикувајќи се на руската агенција ТАСС.

Претходно денеска претседателот Владимир Путин изјави дека Русија ќе одбие да прифати плаќање за испорака на природен гас во „компромитирани“ валути и дека ќе се префрли исклучиво на плаќања во рубљи.

Тој и нареди на владата да издаде соодветна директива до Гаспром за измени на постоечките договори. Министерството за финансии и Централната банка во рок од една недела треба да ја утврдат процедурата за купување рубљи на домашниот пазар од страна на увозниците на руски гас.