По одлуката на Цариград Ковачевски отиде кај архиепископот Стефан
Премиерот Димитар Ковачевски денеска оствари средба со архиепископот Охридски и Македонски и поглавар Македонската православна црква – Охридска архиепископија г.г. Стефан. На средбата Ковачевски упатил честитки за одлуката на Светиот синод на Вселенската патријаршија со која Македонската православна црква – Охридска архиепископија се прима во евхаристичко заедништво со останатите православни цркви.
Според Ковачевски станува збор за историска одлука и долгоочекувано вековно признание за постоењето на Македонската православна црква, наследничка на древната Охридска архиепископија.
Со оваа одлука на Вселенската патријаршија, беше потенцирано на средбата, архиереите на МПЦ-ОА, свештениците и монасите, како и православните верници во нашата земја се стекнуваат со правото да соучествуваат во литургиското единство со останатите православни цркви.
Премиерот посочи и дека оваа историска одлука е донесена кога оваа генерација архиереи раководи со МПЦ-ОА и со православното свештенство, монаштво и со православниот народ и дека е донесена со интензивна комуникација со Вселенската патријаршија во последните четири години, во која, рече, со свој придонес учествуваа и претставници на Владата на Северна Македонија.
Во таа насока беше и писмото на премиерот Ковачевски на почетокот на неговиот мандат до патријархот на Цариградската патријаршија, Вартоломеј, во кое тој уште еднаш повика Македонската православна црква – Охридска Архиепископија да биде примена во евхаристичко единство со Мајката Црква како решение на ова долгогодишно црковно прашање во нашата земја.