По нападот на здравствен работник: Нервозните пациенти да ги остават пиштолите и ножевите дома


Незавизниот синдикат за здравствени работници, остро реагира за настанот во ГОБ „8 Септември“ , односно за нападот со нож врз здравствен работник.Тие во напис на социјалните мрежи пишуваат дека насилните и нервозни граѓани кои имаат потреба од здравствена заштита, треба да ги остават пиштолите и ножевите во своите домови и возила и во здравствените институции да бидат ненаоружани и психофизички да се подготвени да им се решаваат здравствените проблеми.

„На насилните и нервозни граѓани кои имаат потреба од здравствена заштита, да ги остават пиштолите и ножевите во своите домови и возила и во здравствените институции да бидат ненаоружани и психофизички да се подготвени да им се решаваат здравствените проблеми“, стои во пораката на синдикатот.

Од директорите на ЈЗУ преку физичкото и мониторинг обезбедување, бараат зголемување на безбедноста на здравствените работници за време на работа во здравствените институции.

 

– Не станува збор за сериозна повреда, но сепак стресот е многу голем. По прегледот од психијатар констатирано е дека пациентот немал психијатриска дијагноза. Дадена му е терапија е сега се чувствува добро. Даден е совет за редовни психијатриски контроли и најверојатно во текот на денот или утре ќче биде пуштен дома, изјави д-р Христијан Костов, директор на ГОБ „8 Септември“.

Од болницата велат дека пациентот најверојатно малиот кујнски нож го носел со себе за да си лупи овошје или да му се најде како прибор за јадење. За да не се случуваат вакви инциденти во иднина директорот вели дека размислуваат да ги засилат проверките при хоспитализација за да ги заштитат вработените, но и останатите околу 300 пациенти колку што има лежечки болни секој ден.

– Размислуваме да ги засилиме проверките при влез во болницата за хоспиталните пациенти. Ќе се консултираме и со министерството за внатрешни работи и тие да ни дадат насоки, вели директорот д-р Костов.