По меѓународна потерница и 19 месеци бегство, Бајрами излегува од „Шутка“ со гаранција од 1,14 милиони евра
Поранешниот директор на Државна лотарија, Перпарим Бајрами, ќе биде ослободен од притвор откако Основниот кривичен суд Скопје ја прифатил понудената гаранција во недвижен имот во вредност од 1.140.781 евро.
Одлуката ја донел Кривичниот совет при Основниот кривичен суд, постапувајќи по предлог на одбраната за замена на мерката притвор со гаранција. Решението станало правосилно денеска, откако јавниот обвинител и останатите странки се откажале од правото на жалба.
Бајрами, кој е првообвинет во случајот „Државна лотарија“, се наоѓа во притвор од 9 септември годинава, кога сам се пријавил на граничниот премин Блаце, по повеќемесечно отсуство од државата.
По Бајрами претходно беше распишана меѓународна потерница, откако во декември 2024 година ја напуштил државата и станал недостапен за органите на прогонот. По речиси 19 месеци, на 9 септември 2026 година, сам се пријавил на граничниот премин Блаце, каде што бил лишен од слобода.
Неговиот притвор требаше да истече на 8 ноември, односно за пет дена.
Судот, покрај прифатената гаранција, му одреди и мерки на претпазливост: одземање на патната исправа, забрана за издавање нова исправа за преминување на државната граница и редовно јавување во судот.
Бајрами ќе биде пуштен од затворот „Скопје“ во Шуто Оризари по впишувањето на хипотеката во Катастарот на недвижности.
Во предметот „Државна лотарија“, Бајрами е обвинет заедно со поранешниот прв вицепремиер Артан Груби и уште шест лица за злоупотреба на службената положба и овластување. Случајот се однесува на набавката на видеолотариски терминали, за која Обвинителството тврди дека била предизвикана штета на Државна лотарија. Обвинетите се изјаснија дека не се виновни.