По Македонија Бугарите сега бараат проблеми во Србија


Александар Вучиќ

 

Порталот БГНЕС кој освен што е специјализиран за Македонија, изминатите месеци се повеќе внимание посветува и на Србија барајќи проблеми во правата на Бугарите во таа држава. Вчера, на официјализирањето на договорот за гасовод межу Бугарија и србија новинарот на БГНЕС го прашал претседателот Александар Вучиќ како населението во Босилеград драстично се намалило за четвртина за 10 години и како ги толкува тамошните еколошки проблеми. На тоа  Вучиќ одговорил: „Разбрав се. Јас знам сѐ. И знам кој ти кажа да ме прашаш тоа. Следам кој е од Ниш, кој е од Босилеград и кој е од тамошниот Културно-информативен центар“.

Од овој одговор БГНЕС заклучи во текстот дека „комуникацијата со Бугарите од западната периферија, вклучително и со Културно-информативниот центар во Босилеград, ја следат српските служби“ кои го информирале Вучиќ за разговорите помеѓу БГНЕС и КИЦ-Босилеград пред посетата.

Иако во однос на слободата на медиумите Бугарија не е ништо подобра од Србија, и е на дното на листите за Европа, медиумот забележува дека поради закани кон српските новинари на почетокот на декември бугарскиот амбасадор во Србија заедно со уште 10 дипломати од Европската унија ја посетил редакцијата на последниот независен и слободен весник „Данас“ за да ја изразат својата поддршка и да се спротивстават на заканите кон новинарите.

„Смртни закани кон редакцијата беа упатени во ноември минатата година, а надлежните се однесуваа кон нив со рамнодушност. Во заканите стоело дека новинарите од ‘Данас’ ќе завршат како оние од француското издание ‘Шарли ебдо’, пишува БГНЕС и додава:

„Пред неколку недели на Правниот факултет во Белград во партнерство со Министерството за култура беше организирана ‘научна’ изложба за ‘бугарскиот геноцид’ врз Србите. Ова беше причина српскиот амбасадор во Софија да биде повикан на објаснување во МНР“.