По лошиот старт, се чека пресврт кај капиталните инвестиции


По катастрофалниот старт на капиталните инвестиции од почетокот на годинава, Владата очекува дека ќе се интензивираат во вториот и третиот квартал. Сите министри од економската сфера се едногласни дека годинава, најавена како економска, ќе биде успешна во делот на инфраструктурата и другите капитални градби. Функционира и тим, кој го предводи вицепремиерот Кочо Анѓушев, и во кој влегуваат министерот за транспорт и врски Горан Сугарески и министерот за економија Крешник Бектеши, кој треба да ги контролира капиталните инвестиции и да ги забрзува. Од јануари до март годинава од предвидените 422 милиони евра за оваа намена, беа потрошени само 6,21 процент.

Министерот Сугарески вчера објасни дека само преку ЈП за државни патишта во првиот квартал се реализирани преку 50 милиони евра во изградба и реконструкција на патната мрежа во земјава.

„Тоа е на пример за три пати повеќе инвестиции во споредба со првиот квартал од минатата година. Во моментов се работи на околу 90 проекти за над 700 километри патишта, мостови и патарини, со вкупна вредност од над 850 милиони евра“, изјави Сугарески при увид на градежните работи за реконструкција на регионалниот пат Драчево – Таор.

Проектот за гасификација се реализира со засилено темпо, а се интензивира и изградбата на железницата кон Бугарија, укажа Сугарески додавајќи дека следи долга градежна сезона.

„Очекуваме сè што најавивме за изградба и реконструкција во инфраструктурата да реализираме за оваа година и уверен сум дека ни претстои силна економска година посветена на инфраструктурата. Завршени се 50 проценти од работите за изградба на пругата кон Бугарија. Голем дел од проблемите се надминати, се очекува анекс-договорите да се потпишат, првата делница сериозно се интензивира, за втората делница се очекува до крај на годината да се избере изведувач и да почне изградбата, а за третата од Крива Паланка до бугарска граница Министерството за финансии работи на обезбедување средства. Таму имаме 60 милиони средства од ИПА, очекуваме динамиката да биде согласно роковите“, рече Сугарески и уште еднаш најави дека за многу кусо време ќе биде пуштен автопатот Скопје-Штип, дека ќе се интензивира работата на автопатот Кичево-Охрид и ќе почне изградбата на автопатот Скопје-Блаце.

Претходно и министерот за финансии Драган Тевдоски рече дека капиталните инвестиции што се во рамки на Министерството за финансии, како што е проектот за подобрување на општинските услуги, има одлична реализација и ако се споредува со сите буџетски корисници е во најдобрите.

„ЈП за државни патишта, кое е надвор од централниот буџет од 2013 година, годинава реализира за 300 проценти повеќе капитални инвестиции споредено со минатата година. Тоа значи дека апсолутно постои подобрување на реализацијата на капиталните инвестиции. Како финансии бараме од сите министерства да посветат поголемо внимание и сметаме дека ќе има резултати“, посочи Тевдовски. (А.С.)