По короната Кина ги укина ограничувањата за патување во уште 70 земји


Кина го укина пандемиското ограничување за групни патувања за повеќе земји, вклучително и клучните пазари како САД, Јапонија, Јужна Кореја и Австралија, што потенцијално ќе биде од полза нивната туристичка индустрија.

Таквата одлука ја објави во четвртокот Министерството за култура и туризам, а стапува на сила веднаш.

Пред пандемијата кинеските туристи трошеле во странство повеќе од туристите од која и да е друга земја, при што нивната странска туристичка потрошувачка во 2019 година достигнала вкупно 225 милијарди долари. Групните патувања сочинуваат околу 60 отсто од оваа сума.

Од почетокот на пандемијата на коронавирусот отсуството на кинеските туристи доведе до финансиски проблеми за многу претпријатија зависни од туризмот ширум светот.

Германија и Велика Британија, исто така, се меѓу земјите за коишто се укинати ограничувањата, но Канада, која во последно време имаше особено тензични односи со Кина, не е отстранета од листата за ограничувања на патувањата.

Ова е веќе третата листа на земји за коишто Кина одобрува групни туристички патувања. Во јануари одобрувањето вклучуваше 20 земји, како Тајланд, Русија, Куба и Аргентина. Во март одобрување беше дадено за 40 земји, меѓу кои Непал, Франција, Португалија и Бразил.

Кина службено никогаш не го објасни својот пристап кон постапното одобрување, но аналитичарите забележуваат дека земјите на кои им беше потребно време да го добијат одобрувањето имале повеќе политички или трговски тензии со втората според обемот светска економија.

Најновиот потег на Пекинг го поздравија јапонскиот премиер Фумио Кипида, како и јужнокорејскиот и австралискиот министер за туризам, кои оценија дека тоа ќе ги поттикне нивните економија.

„Ова е уште еден позитивен чекор кон стабилизацијата на нашиот однос со Кина“, изјави австралискиот министер за трговија и туризам Дон Фарел.