По корона вирусот во Кина сега се шири норовирусот


Во југозападната кинеска покраина Сичуан се шири норовирусот, со кој заразени се над 50 деца, јави агенцијата Анадолија.

– Вирусот се појави во градинка во градот Зигонг во покраината Сичуан, каде што децата пројавиле симптоми со повраќање, го цитира Анадолија „Глобал тајмс“.

Норовирусот е многу заразен вирус кој предизвикува повраќање и дијареа. Од вирусот, кој многу лесно се шири, може да се заразат лица на сите возрасти. Луѓето заразени со норовирусот можат да исфрлат милијарда честички на вирусот, а само неколку вирусни честички можат да ги заразат другите луѓе околу нив.

По епидемиолошките испитувања и тестови на нуклеинска киселина, Центарот за контрола на болести (ЦДЦ) потврди дека повраќањето е предизвикано од заразување со норовирусот.

– Сите деца се во стабилна состојба и се лекуваат во болница со благи симптоми, додаваат претставници на здравствениот оддел.

Во текот на минатиот месец вирусот се појави и во неколку училишта и универзитети во североисточната кинеска покраина Лиаонинг и северната кинеска покраина Шанси.

Засега нема вакцина против норовирусот.

Со норовирусот се заразуваат 685 милиони лица низ светот на годишно ниво и сè повеќе се појавува како проблем на јавното здравство во Кина.

– Во февруари 2019 година, кинеските власти одобрија клиничко испитување за првата тетравалентна вакцина во светот против вирусот. Вакцината, по четири години развој, теоретски може да спречи заразување со норовирусот од 80 до 90 отсто, јави новинската агенција Синхуа.