По коментарите за Хитлер, Москва го обвини Израел дека поддржува неонацисти во Киев
Односите меѓу Русија и Израел драматично се влошија. Москва во соопштение наведе дека имало многу примери на соработка меѓу Евреите и нацистите
Руското Министерство за надворешни работи во вторникот соопшти дека Израел го поддржува „неонацистичкиот режим“ во Украина, откако тензиите меѓу Москва и Ерусалим се зголемија по запаливите изјави на министерот за надворешни работи Сергеј Лавров за Холокаустот претходно оваа недела.
Во изјавата во вторникот, Русија го обвини министерот за надворешни работи Јаир Лапид дека дава „антиисториски изјави“ кои „во голема мера објаснуваат зошто актуелната израелска влада го поддржува неонацистичкиот режим во Киев“.
Во соопштението се наведуваат „примери на соработка меѓу Евреите и нацистите“ за време на холокаустот, истакнувајќи ги советите на Јуденрат формирани во многу еврејски заедници и оние што ги воделе, „од кои некои се запаметени по апсолутно монструозни дела“.
Руското Министерство за надворешни работи тврди дека додека за време на холокаустот „некои Евреи биле принудени да учествуваат во злосторства“, украинскиот претседател Володимир Зеленски, кој е Евреин, „тоа го прави сосема свесно и сосема доброволно“. Во соопштението, исто така, се тврди дека Украина во моментов е дом на „најекстремниот антисемитизам“.
Москва го обвини Зеленски дека „се крие зад своето потекло“ додека се здружува со неонацистите и „духовните и крвните наследници на џелатите на неговиот народ“.
Израел – заедно со многу западни земји – остро го критикуваше Лавров за коментарите дадени во неделата во кои се тврдеше дека „Хитлер имал и еврејска крв“ и дека „некои од најлошите антисемити се Евреи“. Лавров ги даде забелешките во интервју за еден италијански медиум, обидувајќи се да ја оправда често повторуваната руска точка дека ја нападнала Украина во обид да ја „денацифизира“ земја предводена од еврејски претседател.
Во изјавите во вторникот, Зеленски реагираше на изјавите на Лавров, велејќи: „Овие зборови значат дека главниот руски дипломат го обвинува еврејскиот народ за нацистичките злосторства“, рече тој. „Без зборови“.
Рускиот амбасадор во Израел Анатолиј Викторов во понеделникот беше повикан во Министерството за надворешни работи на разговор за коментарите, кои Лапид ги нарече „непростливи“.
Јаир Лапид: „Хитлер не бил Евреин и Евреите не го убиле мојот дедо во Маутхаузен. Нацистите го направија тоа, и сите овие споредби со нацистите се непростливи и вознемирувачки“
Лапид во вторникот наутро рече дека руската влада треба да им се извини на Евреите и на жртвите на холокаустот за коментарите на Лавров. Но, изјавата на Москва во вторникот покажа дека Русија наместо тоа поверојатно ќе ја ескалира реториката меѓу државите бидејќи врските сѐ повеќе се заострија во последните недели.
На почетокот на руската инвазија на Украина, Израел се обиде да оди по дипломатско затегнато јаже меѓу Москва и Киев, зачувувајќи ги односите со двата свои сојузници и нудејќи се да посредува во разговори. Но, во поново време, Ерусалим се сврте кон поддршка на Украина, осудувајќи ја Русија за извршени очигледни воени злосторства и испраќање шлемови и панцири во Украина, менувајќи ја претходната политика на недавање воена помош.
Во интервју за јавното радио Кан во вторникот наутро, Лапид рече дека рускиот претставник бил подложен на „тежок разговор“ откако бил повикан во Министерството за надворешни работи во понеделникот, „бидејќи е непростливо, непростливо да се обвинуваат Евреите за нивниот холокауст“.
„Хитлер не бил Евреин и Евреите не го убиле мојот дедо во Маутхаузен“, рече тој. „Нацистите го направија тоа, и сите овие споредби со нацистите се непростливи и вознемирувачки“.
Лапид додаде дека Русија „треба да им се извини на Евреите, за споменот на убиените“. Тој предложи Лавров да „прочита историска книга“ наместо да шири лажни „антисемитски гласини“.
Министерот за надворешни работи рече дека не може да ја „отфрли“ можноста коментарите на Лавров да се дадени како одговор на изјавите на самиот Лапид во кои се обвинува Русија за воени злосторства во време на нејзината тековна инвазија на Украина.
Според извештајот на весникот „Хаарец“ од вторникот, Израел размислува за проширување на својата воена помош за Украина.
По неколку недели одбивање да испорача воена помош на Украина, Израел неодамна ја измени својата политика, прво се согласи да испрати шлемови и панцири на работниците за итни случаи во Украина, а минатата недела испрати официјален претставник на Министерството за одбрана на разговорите предводени од САД во Германија за опремување на Украина.
Според дипломатски претставник цитиран во „Хаарец“, Израел нема да размислува за испраќање офанзивно оружје или напредна одбранбена технологија, како што е противракетниот систем „Железна купола“, туку ќе се обиде да најде опрема што може да се донира без да предизвика криза со Москва.
Викторов, рускиот амбасадор, минатиот месец рече дека доколку Израел ѝ испорача на Украина воена опрема, Москва „соодветно ќе одговори“. (Според агенциите)