По кој пат се уредува коритото на Серава во Бутел? Ќе заличи ли овој пат?
Започна реализацијата на проектот за темелно чистење и уредување на коритото на реката Серава, како и изградба на нова пешачка патека во општина Бутел.
Почетокот на активностите беше означен во присуство на градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски и градоначалникот на Општина Бутел, Дарко Костовски.

Проектот опфаќа уредување на просторот покрај реката и изградба на пешачка патека во должина од 1.590 метри, наменета за прошетка, рекреација и дружење на граѓаните. По должина на патеката ќе биде поставено современо лед осветлување, урбана опрема и нови клупи, а просторот ќе биде дополнително разубавен со ново зеленило.
Во рамки на проектот предвидена е и изградба на нови детски игралишта, со цел создавање безбеден и уреден простор за игра и рекреација на најмладите.
Со реализацијата на овој зафат, општина Бутел во соработка со Град Скопје продолжува со активности насочени кон подобрување на јавниот простор и квалитетот на живот на граѓаните.

Коритото на реката Серава се уредува неколку години, но постојано изгледа како депонија.
Имено, во 2021 година, истиот градоначалник, Дарко Костовски почна со реализацијата на проектот за чистење на речното корито и уредување на кејот на реката Серава, што се одвиваше во текот на зимата и требаше да трае до пролет, со поддршка на општествено одговорни ппретпријатија. Потоа, во септември 2023 година почна уредувањето на речното корито на реката Серава во должина од 1.500 метри во населеното место Радишани. Паралелно се градеше и нова пешачка патека, а сето тоа чинеше 42 милиони денари. Во ноември истата година, почна да се ѕида коритото. Во март 2025 година, пак, почна изградба на трим-патека покрај коритото на река Серава во должина од 800 метри. „На патеката ќе биде поставено смарт осветлување и нови клупи. Покрај тоа, ќе се изгради парк на површина од 5000 м2. Во првата фаза се уредува коритото на река Серава во должина од 1.500 метри. Во втората фаза ќе се уреди површина во должина од 300 метри во населеното место Радишани. Локалната самоуправа уредува со камен речно корито во должина од 1.800 метри“, за што пак беа одвоени 65 милиони денари.
Општината вложува 65 милиони денари за уредување на речното корито и изградба на трим-патека.