По казината, на ред се и канцелариите за брзи кредити, вели Мицкоски
Владата целосно стои зад Предлог – законот за игри на среќа со кои се воведуваат бројни ограничувања, изјави денес премиерот Христијан Мицкоски кој најави дека следен чекор ќе биде регулирањето на давањето брзи кредити.
„Некако крај тие казина како по правило се отвораат канцеларии каде што се даваат брзи кредити, следно на што ќе работиме ќе биде и тоа, но не би сакал да давам повеќе детали“, изјави Мицкоски одговарајќи на новинарски прашања во Градската општа болница „8 Септември“, каде што беа промовирани реновирани хируршки сали,
Запрашан дали Владата планира конкретни ограничувања за давателите на брзи кредити, Мицкоски одговори потврдно, односно дека се работи на такви решенија, но без да даде дополнително образложение.
Тој посочи дека врз база на направена анализа, заклучиле дека најголем дел од луѓето како причина за напуштање на државата го користат и аргументот дека се наталожиле нивните долгови.
Образложувајќи ги измените на Законот за игри на среќа, Мицкоски рече дека Владата го ветувала овој закон и работеле на него многу внимателно имајќи ги во предвид сите параметри поврзани со оваа индустрија, како и дека има одредени стандарди и политики што Владата ги води.
„Градовите почнаа да ни наликуваат со оние реклами и билборди како коцкарниците да се главна индустрија. Тоа не личи на ништо и со овој закон ќе се стави крај на таа перцепција кај граѓаните“, истакна Мицкоски.
„Имајќи го предвид сето ова ценам дека со овој закон во морална смисла на зборот драматично ќе ја подобриме состојбата во државата, така што апсолутно стоиме до овој закон“, додаде премиерот.
Инаку, на вчерашната седница, Владата го утврди новиот усогласен текст на Предлог-законот за игрите на среќа и за забавните игри, кој ќе биде испратен до Собранието.
Со измените се воведуваат строги ограничувања за рекламирањето на игрите на среќа, се забранува рекламирање надвор од деловните простории доколку тоа има цел да ги поттикне граѓаните да учествуваат во игри на среќа, се забрануваат пораки кои коцкањето го претставуваат како пат до финансиски успех, подобар живот или решение за лични и социјални проблеми. Дополнително, се забранува рекламирање преку познати личности и содржини насочени кон малолетници.