По Кан, во Скопје доаѓа „Индијана Џонс“ со Харисон Форд за последен пат


Петтиот дел на „Индијана Џонс“, насловен „Артефактот на судбината“ (Indiana Jones and the Dial of Destiny), со Харисон Форд, за последен пат во оваа улога, од 29 јуни е на репертоарот на „Синеплекс“ во Скопје. Во кината во САД ќе се прикажува од 28 јуни.

Со Фиби Волер Бриџ во сцена од филмот

Американската актерска ѕвезда допатува во Кан овој месец за премиерата, што беше еден од најисчекуваните настани на годинашниот фестивал. Овој филм првпат беше најавен во 2018 и оригинално требаше да излезе во 2019, но по бројни одложувања, тоа се случи дури сега, во мај, , неполни два месеца пред 81. роденден на главната ѕвезда.

Првиот филм од серијалот во чие создавање не учествуваа Стивен Спилберг и Џорџ Лукас го режираше Џејмс Менголд.

Форд со актерите Мадс Микелсен и Фиби Волер-Бриџ, и режисерот Џејмс Менголд 

Форд дојде на црвениот тепих со сопругата Калиста Флокхарт, по што му се придружија и останатите ѕвезди од филмот Мадс Микелсен и Фиби Волер-Бриџ, како и режисерот Менголд. Во филмот глуми и Антонио Бандерас.

Ова е последен пат Форд да го глуми легендарниот авантурист, а во киното беше награден со громогласен аплауз. На Форд исто така му беше доделена Златна палма за животно дело.

„Трогнат сум. Велат, пред да умреш, животот ти поминува пред очите. Мислам дека токму тоа ми се случи сега. Индијана Џонс беше голем дел од мојот живот“, изјави Форд.

И претходниот филм „Индијана Џонс и кралството на кристалниот череп“ имаше премиера во Кан во 2008.