По изборите, огласи за закуп на 15.000 хектари државно земјиште


По завршувањето на изборите, Министерството за земјоделство ќе објави нови огласи за доделување државно земјоделско земјиште под закуп.

„Се работи за јавни огласи за давање под закуп на земјоделско земјиште во државна сопственост за површини до и над три хектари, во повеќе региони во државата. На јавните огласи земјоделците ќе може да конкурираат за добивање на државно земјоделско земјиште за земјоделска обработка на едногодишни и повеќегодишни земјоделски култури“, информираше Министерството за земјоделство.

На огласите е планирано да се објави вкупна површина од над 15.000 хектари во повеќе региони и тоа: Битола, Валандово, Виница, Велес, Делчево, Демир Хисар, Гевгелија, Крива Паланка, Кичево, Куманово, Кавадарци, Кочани, Крушево, Неготино, Свети Николе, Радовиш, Ресен, Тетово, Струга, Охрид, Прилеп, Штип и други региони.

Истовремено, Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство ќе го објави и вториот јавен оглас за давање под закуп земјоделско земјиште во државна сопственост за површини над три хектари за вкупно земјоделско земјиште од над 1.500 хектари. Овој оглас ќе биде со намена реализација на проект за подигање земјоделски насади и изградба на објекти за примарна обработка на земјоделски производи во повеќе региони и тоа: Штип, Гевгелија, Куманово, Неготино, Велес, Свети Николе, Гази Баба, Валандово, Кавадарци, Прилеп и други региони.

За сопствениците на оранжерии кои не го искористиле правото да го откупат земјоделското земјиште во државна сопственост, ќе има трет јавен повик за купување на земјоделското земјиште во државна сопственост.