По Италија денеска Протоколот за пристапување во НАТО ратификуван и во Велика Британија


Британскиот министер за надворешни работи Доминик Раб го потпиша Протоколот за пристапување на Северна Македонија во НАТО, со што досега 24 земји-членки го завршија процесот на ратификација, откако денеска претходно тоа го стори и италијанскиот Сенат.

Раб на неговиот налог на Твитер објави дека го ставил потписот на Протоколот и истакна дека со нетрпение очекува Северна Македонија и официјално да стане дел од НАТО.

– Со големо задоволство денеска го потпишав Протоколот за пристапување на Северна Македонија во НАТО заедно со амбасадорката А. Миовска. Со нетрпение очекувам Северна Македонија да пристапи кон семејството на НАТО и да присустува на состанокот на лидерите на НАТО во Лондон и да помогне во промоција на меѓународниот мир и безбедност, напиша тој на својот твит.

Претходно денеска Протоколот беше ратификуван и во италијанскиот Сенат. Протоколот помина во Долниот дом на Парламентот, но ратификацијата во Сенатот се оддолжи поради политичката криза, која се реши со формирањето нова Влада на Италија.

Благодарност за ратификацијата изрази министерката за одбрана Радмила Шекеринска на својот фејсбук-профил.