По илјада евра за домаќинствата што ќе се греат на клима-уреди


Премиерот навестува дека во иднина законски ќе се забрани греењето на дрва откако ќе се понуди алтернатива. Исплатата на 10 милиони евра за домаќинствата во Скопје, Битола, Тетово и Кичево за купување на инвертер-клима уреди е најрадикалната и најмасовната мерка на Владата досега против загадувањето, порачаа премиерот Зоран Заев и вицепремиерот Кочо Анѓушев на прес-конференција.

Електрани на РСМ (поранешно ЕЛЕМ) ќе одвои од сопствените средства 618 милиони денари за 10.000 домаќинства, од кои 5.200 во Скопје. Секое домаќинство ќе добие по 1.000 евра за да го купи овој уред во замена за стариот на фосилни и тврди горива. Предност ќе имаат тие семејства кои немаат повисоки месечни приходи од 30.000 денари.

– Најголемите концентрации се во зимскиот период за грејната сезона. Греењето со инвертер-клима уреди е најеколошки начин на греење и со сегашните цени е далеку најевтино. За 60 квадратни метри загревањето ќе чини 11.735 денари. Овие градови како најпогодени од загадувањето се прва фаза, а понатаму ќе следуваат и други градови со висока емисија на ПМ 10 и ПМ 2,5 и јалерод диоксид. АД „Електрани на Северна Македонија“ покажа високо чувство на општествена одговорност. Секое домаќинство ќе има 1.000 евра, што е сосема доволно за оваа мерка. Понатаму ќе тежнееме да биде целосно елиминирано користењето на печки на фосилни, односно тврди горива. и во следните години да ги тргнеме тегобите во градите од загадениот воздух – рече Заев.

Вицепремиерот Анѓушев додаде дека паралелно со оваа мерка продолжуваат и другите активности против загадувањето. Оваа мерка не е задолжителна, но во иднина законски граѓаните ќе мора да ја применуваат, секако ако државата им понуди алтернатива.

– Не е задолжителна оваа мерка, таа е доброволна, и секој ќе може да аплицира. Аплицирањето ќе биде максимално поедноставено и со информатичка платформа за избегнување на метежите. Ќе мора да го вратат старото грејно тело и ќе добијат вредносен бон за инвертор. Ова не е замена за гасификација, ние ќе ја стимулираме топловодната мрежа во Скопје и Битола. Мораме да стартуваме со порадикални мерки како оваа, кои во иднина ќе прераснат во законски решенија – наведе Анѓушев.