По Илинден, Мицкоски на одмор во Хрватска, Заев во Грција


Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски денеска се враќа од дводневната посета на Будимпешта и во Виена. Во главниот град на Унгарија имаше средба со тамошниот премиер, Виктор Орбан, додека во Австрија беше поради размена на искуства и информации поврзани со неговата професорска дејност на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“.

Веќе во петок, ќе присуствува на традиционалната прослава на Илинден во струшкото село Ташмаруништа, по што со семејството заминува на еднонеделен одмор во Хрватска.

После празникот, одмор најави и „половина“ влада. Премиерот Зоран Заев ќе оди во Охрид и во Грција, додека вицепремиерката Радмила Шекеринска заминува на Скандинавија.

За тоа време, работните групи на двете најголеми партии ќе се обидат да стигнат до компромисно решение за законите за СЈО и за пописот.

На одмор заминуваат и пратениците. Следната собраниска седница е закажана на 27 август и дотогаш ќе се знае епилогот од разговорите за законските решенија, во кои власта и опозицијата засега имаат различни ставови. (Г.А.)