По големиот пожар се обновува османлиската зграда на млинот „Жито Битола“
Обновата на впечатливата зграда ја прави сопственикот, фирмата „Ангро маркет – механизација“. Завод и Музеј на Битола не биле известени за зафатот
БИТОЛА – Обновен е објектот на млинот „Жито Битола“ и однадвор по ништо не потсетува дека изминатата зима пламени јазици за малку што не ја проголтаа оставштината од Османлиите во конзулска Битола. Жолтата боја на фасадата и кафеавите декоративни елементи околу прозорците изведени со испад на тула, декоративните елементи по рабовите од зградата, како и покривот се обновени и исчистени, додека за внатрешниот дел ќе се чекаат подобри времиња за реконструкција.
Таков каков што е ликот на објектот сега, 10 месеци по големиот пожар од 23 јануари годинава, ветува дека млинот ќе опстојува и дека за него се води грижа.
„Тука поминувам секое утро, од ден на ден се гледа дека се работи, се вложува. Се обновува објектот на ‘Жито Битола’ и тоа е добро. За разлика од млинот, Ислахането што е спроти него пропаѓа, како куќа без стопан, иако е под закрила на државата. Значи добро е што млинот има сопственик, ќе живее“, забележува битолчанец, жител на блиската Буковска населба.
Силниот пожар по Нова година целосно го проголта четвртиот кат на млинот каде беше сместена пекарата. Ситуацијата беше напната, но за среќа битолските пожарникари се изборија со огнот и не се прошири на околните објекти и силосите за жито.
Објектот е во приватна сопственост на „Ангро маркет – механизација“, па сопственикот Вецко Котевски за „Независен“ вели дека обновата тече, а се работи по прописи да се задржи автентичниот изглед на објектот, иако не прецизира по кои прописи.
„Работиме на обновата, засега е сменет покривот и прозорците. Ставивме дрвени прозорци што нѐ чинеа неколкукратно поскапо во споредба со ПВЦ дограма, но важно беше да се задржи автентичниот изглед, по пропис. Се правиме да биде како што беше на времето. Имаме уште за реновирање, внатре ништо не е чепнато. Четвртиот кат, каде што огнот беше најсилен, бара голем зафат. Засега никој не ни понуди помош, ни државата, ни општината, сѐ реновираме сами“, вели Котевски.
Според нивните пресметки, реконструкцијата на објектот ќе чини 700 илјади евра, а досега се вложени 430 илјади евра. Во 2019 година „Ангро маркет – механизација“ го купи млинот за 2,5 милиони евра и го возобнови производството на брашно и пекарски производи, со дневно производство на брашно до 100 тони.
„Објектот и натаму останува млин, произведуваме само брашно, оти делот од катот кој што изгоре беше пекарата и од зимата до сега, еве 10 месеци не произведуваме леб, сѐ додека не обезбедиме средства за обнова на уништената пекара“, нагласува Котевски.
Според него, внатрешната реконструкција на опожарениот дел на млинот зависи од тоа кога и колкава отштета ќе добијат од осигурувањето на имотот.
„Доколку добиеме пари од осигурителната компанија ќе ги вложиме за обнова внатре, ако не, во оваа економска криза сами не ќе можеме да продолжиме“, вели Котевски.
Објектот на млинот е стар над 120 години, оставен од Османлиите. Тој не е поединечен споменик на културата со решение, но објектот е во евиденција во Студијата за културно-историски наследство на градот Битола и е обработен во Заштитно конзерваторските основи за културно наследство во границите на опфатот на ДУП за индустриска зона „Жито Битола“ и „Транскоп“, одобрени од страна на Управата за заштита на културното наследство од 2014 година, стои во документот од Завод и Музеј Битола.
Сепак, објектот треба да ја зачува својата автентичност, исто како и битолското Ислахане од спротива на млинот.
Од Завод и музеј Битола велат дека досега не биле известени за текот на реконструкцијата и засега нема најава за надзор.
„Завод и музеј не е известен за преземените зафати на објектот по пожарот. Објектот во одобрените заштитно конзерваторски основи е валоризиран и категоризиран како значајно културно наследство во опфатот со пропишан режим на заштита од втор степен. Режимот на заштита не препознава приватна или државна сопственост. Пропишаните мерки се согласно закон “, вели директорката на Заводи и Музеј Битола, Мери Стојанова.
Во млинот „Жито Битола“ од памти век се мелело брашно и се печело леб. Млинот за време на Османлиите му припаѓал на богатиот Исмаил бег вели професорот по историја Васко Гичевски, кој го истражува отоманскиот период во битолскиот крај.
Според него, Исмаил бег ја изградил првата парна мелница во градот и таа подоцна опстојувала и во кралска и социјалистичка Југославија, а опстојува и до денес.
Млинот бил изграден некаде кон крајот на XIX век или според некои автори во 1902 година.