По година и пол: Фатен убиец кој застрела момче со калашников


Фото: Б. Грданоски

По една и пол година, полицијата го уапси осомничениот за убиството на младиот Бурим Идризи кој беше застрелан со калашников од автомобил во движење. Како што соопшти полицијата, дваесет и деветгодишниот осомничен, Орхан Амети бил приведен денеска на локалниот пат Зелениково – Моране.

Дваесет и четиригодишниот Идиризи беше застрелан на 20 декември 2017 година на улица „Џон Кенеди“ пред угостителски објект во близина на средното училиште „Цветан Димов“ во скопската населба Чаир.

Убиството се случи околу 18 часот, додека Идризи излегувал од своето возило на автобуската станица. Сторителот поминал со својот автомобил „југо“ покрај автобуската и додека возел го застрелал момчето со автоматско оружје „АК-47“.

Момчето почина на лице место, а осомничениот за убиството го остави автомобилот и избега. „Југото“ беше најдено на улица во населбата Топаанско поле, но убиецот беше во бегство до вчера. За неполни два месеци во оваа населба имаше неколку убиства, меѓусебните кавги се решаваа со пукање.