По „Есенинова“ конечно може да се вози


„Есенинова“

По улицата „Есенинова“ од Чешма до „Трета македонска бригада“, која беше најавувана како идеално решение за поврзување на три општини, Центар, Аеродром и Кисела Вода, конечно може да се вози.

Официјално, таа уште не е пуштена во употреба, но коловозот веќе  е бележан и тргнати се сите барикади кои го оневозможуваа двиќењето по неа.

Според градоначалничката Данела Арсовска, оваа улица не можеше да биде пуштена во употреба, иако беше асфалтирана пред локалните избори и претходното градско раководство, затоа што документацијата не соодветствувала со состојбата на терен.

На брифингот со новинарите пред неколку месеци, Арсовска рече дека работите се речиси завршени, а спорните резервоари кои се наоѓаа на трасата на улицата нема да се преместуваат, туку само  ќе се усогласува документацијата. 

Инаку, во октомври 2021 година, улицата „Есенинова“, беше пробиена од Чешма во Кисела Вода, до булеварот „Трета македонска бригада“ на влезот во Аеродром.

Во август 2020 година почнаа градежните активности за пробивање на новата улица.

Изградбата на овој нов коридор има за цел намалување на притисокот на крстосницата кај „Тутунски комбинат“, односно ќе биде директна врска од Кисела Вода кон поранешното скопско сајмиште.

Новоизградената улица Есенинова е долга 730 метри, со променлива ширина, односно, има две коловозни ленти и тротоари од двете страни низ Кисела Вода, а потоа четири коловозни ленти пред влезот во „Трета македонска бригада“.

„Есенинова“ со четири ленти излегува кај амбулантата „Пролет“

Има улично осветлување со 20 столбови, нова водоводна и канализациска мрежа. Вредноста на договорот за изградба на улицата беше околу 71 милион денари со вклучен ДДВ. Рокот за изведба беше 22 месеца, што е длабоко пробиен.

Булеварот „Трета македонска бригада“ со должина од 2,5 километри има само две поврзувања со Кисела Вода, едното преку булевар „Србија“ со булевар „Борис Трајковски“, а второто, познатото тесно грло кај „Тутунски комбинат“, кое воедно претставува поврзување на Аеродром и со Кисела Вода и со Центар.

Со изградбата на „Есенинова“, ова тесно грло во сообраќајот ќе се растовари, ќе се скрати кружењето околу „Тутунски“, кое во периодите на најголемиот сообраќаен метеж трае од 5 до 10 минути. Ова ќе го почувствуваат и граѓаните кои патуваат од „Континентал“ во Гази Баба до Рампа и Чешма во Кисела Вода, а кои избегнувајќи го тесното грло кај „Тутунски“ кружат или преку булевар Србија во Аеродром или преку булеварите „Крсте Мисирков“ и „Кочо Рацин“ во Центар.

Така на пример, од Чешма до „Континентал“ ако се патува 3 километри преку Центар или 8 километри преку Аеродром, преку трасата „Есенинова“ – „Никола Карев“ – „Беласица“ ќе се патува само 2 километра. Изразено во време, тоа на граѓаните им заштедува од 10 до 15 минути.

Дополнителен проблем за да се остварат овие најави од претходниот градоначалник Петре Шилегов е затворањето на мостот на улицата „Беласица“, откако пред извесно време тој беше зафатен од пожар, а проценката на нековата издржливост уште не е завршена.