По елиминацијата во ЛШ: Роналдо е разочаран во Јувентус, си заминува следното лето


Кристијано Роналдо тешко ја прифати елиминацијата веќе во четвртфиналето. Тоа му се случи првпат во кариерата и веќе решил дека ќе си замине од Јувентус.

По големите успеси со Реал Мадрид, Португалецот во црно-белиот дрес се соочи со тежок удар и веќе размислува да побегне од бродот кој тоне. Од бродот кој од 1996 година нема освоено трофеј во Лигата на шампионите, а поради кој и го доведе Роналдо и плати за него 113 милиони евра. Се коваа големи сништа во Торино, но што знаат амстердамските деца што е „Старата дама“.

Според римска „Република“, разочарувањето во Торино е огромно по испаѓањето од Ајакс. Разочарувањето е толкаво што Кристијано Роналдо веќе решил да одработи уште една година од договорот со Јувентус и потоа да си замине. Тој третата година нема намера да ја „испочитува“, туку ќе си побара нов клуб.

А, изгледа дека ни во Јувентус не се разочарани од таа идеја. Прескапо ги чинеше акцијата со Роналдо за да испаднат веќе во четвртфиналето. Не направија напредок во однос на минатата сезона, кога паднаа на истото скалило, само што тогаш Кристијано беше на спротивната страна, во дресот на Реал.

И врвот на сето тоа е што Роналдо бара засилувања за следната сезона! Им порачал на челниците на клубот дека тимот мора да се засили сериозно за да се отиде подалеку од четвртфиналето.

Осмиот последователен шампионски трофеј во Италија ќе го освои Јувентус следниот викенд, но тоа нема нималку да го утеши ни Роналдо, ни газдата на клубот Ањели. Тој тандем планираше многу, многу повеќе. И после првиот неуспех веќе размислува за разделба.