По две години студентите се враќаат во амфитеатрите


Ректорот Никола Јанкуловски

Почетокот на новата студиска 2022/2023 година на Универзитетот „Св. Кир ил и Методиј“-Скопје вечерва беше одбележан на Машинскиот факултет со прв академски час кој, првпат по две години, се одржа со физичко присуство.

„По две години пауза поради КОВИД-пандемијата, физички се собравме на свечен час за новата генерација на УКИМ. Ниту една дигитална алатка и платформи, без кои не можевме да функционираме во изминатиот период, не може во виртуелниот простор да ја долови оваа прекрасна и трпеливо чекана атмосфера“, рече ректорот на УКИМ, Никола Јанкуловски.

Машинскиот факултет денеска ги прими бруцошите од 64. генерација. На свечениот прв час присуствуваа и дипломираните на додипломски и на постдипломски студии на овој факултет од 2019, 2020 и 2021 година.

Ректорот им посака добредојде на новите студенти, а на дипломираните – успешна кариера.

„Ви посакувам срдечно добредојде на најстариот, најдобриот и најголемиот универзитет во нашата држава. Од денес свечено му припаѓате на УКИМ, а тоа е чест, но и голема обврска, затоа што знаењето, науката, талентот, креативноста и квалитетот се основни постулати во неговото работење… Ви посакувам низ студирањето да ве следат истрајноста, знаењето и желбата за ваш личен напредок и развој“, порача Јанкуловски.

Деканот Дарко Данев соопшти дека за новата учебна година на Машинскиот факултет досега се запишани 189 нови студенти. Првиот час, рече, е и прв чекор да станат инженери и дека факултетот можеби ќе им стане и прв дом.

„За да го завршите факултетот, за да магистрирате, за да бидете способни да се изборите во животот со сите проблеми и предизвици потребно е да ги имате двете основни оружја кои се одлика на сите инженери – логиката и имагинацијата“, истакна Данев.

Новата академска 2022/2023 година ќе почне в понеделник, 3 октомври, кога на сите факултети на Скопскиот универзитет ќе бидат организирани први академски часови. (МИА)