По две години, конечно ќе профункционира судницата во близина на КПУ „Идризово“


Министерството за правда, испрати покана за официјалниот почеток на функционирањето на најголемата судница во државата во Идризово, што треба да се случи во среда.

На настанот ќе се обрати министерот за правда Никола Тупанчески.

Ова е најголемата и најопремената судница во РСМ со судска сала од 290 м2. Вкупната вредност на објектот изнесува 1,3 милиони евра. Со нејзиното користење ќе се намалат трошоците за судските процеси за обезбедување и транспорт и ќе се обезбеди поголема заштита на безбедноста и сигурноста на граѓаните на главниот град, велат од Министерството за правда.

И од Делегацијата на Европската Унија денеска информираа за истиот настан, прри што истакнуваат дека на настанот ќе присуствува амбасадорот Дејвид Гир, шеф на делегацијата на Европската унија и Ерик Мајер, заменик-шеф на мисијата на Амбасадата на САД кои официјално ќе ја отворат новоопремената дигитална судница.

Новата дигитална судница во воспитно-поправната установа Идризово главно е финансирана од Европската Унија со околу милион евра инвестирани во градба и опрема. Националниот придонес е 0,28 милиони евра. Набавката на дополнителна безбедносна како и ИТ опрема беше поддржана од Амбасадата на САД.

Дигиталната судница овозможува притворените лица за тешки кривични дела да добијат судење на подрачјето на затворот Идризово. Со тоа се зголемува безбедноста на жртвите, но и се почитува правото на притворениците да се бранат со што се обезбедува правично судење. Почитувањето на човековите права води кон непристрасен, транспарентен и одговорен систем на казнено право и се стекнува доверба на граѓаните во правниот поредок.

Помошта на ЕУ за отворањето на новата судница во Идризово е дел од поголемите напори за реформирање на казненото право и казнено-поправниот систем во земјата. Целта е да им се помогне на институциите да остварат поефикасна репресија на криминалот, притоа почитувајќи ги основните права на луѓето.

Оваа сала првично беше отворена во мај 2020 година, од тогашната министерка за правда Рената Дескоска, заедно со шефот на републичкото обвинителство, претседателот на Основниот кривичен суд во Скопје и преставници од Делегацијата на ЕУ во земјава.

Но, салата не профункционира веднаш, поради тоа што немаше мебел, што пак беше обврска на Владата со 50.000 евра да го обезбеди. Потоа, следуваше ковид-пандемијата, па салата остана само да се одржува во постојната форма.