По долги години бегство Драган Даравелски уапсен на Табановце

Поради злоупотреба на службената положба како директор на Царината и направена штета од 2,5 милиони евра Даравелски во 2007 година беше осуден на 7 години затвор


 

По долги години бегство поранешниот директор на македонската Царинска управа, Драган Даравелски, денеска околу пладне е уапсен на граничниот премин „Табановце“. Тоа го потврдија од МВР за неколку медиуми.

Не е јасно како дошло до апсењето, бидејќи Даравелски 18 години беше во бегство во Белград, каде што почна нов живот и водеше свој бизнис. За Даравелски имаше издадено меѓународна потерница, бидејќи уште во 2007 година беше осуден на седум години затвор во отсуство за злоупотреба на службената функција. Даравелски беше директор на Царината кога Никола Груевски беше министер за финансии во времето на владата на Љупчо Георгиевски. Според изјавите од полицијата тој веднаш спроведен во затворот „Идризово“. 

Во процесот што се водеше против него обвинет беше и неговиот заменик, Киро Доцевски, за истото дело, но и за фалсификување службена исправа. Според пресудата, со нивните криминални дејствија државата била оштетена за 2,5 милиони евра.

Даравелски е едно од високопрофилираните лица кое многу долго се бараше со потерница на Интерпол. Тој во 2016 година беше уапсен во Белград, но српските власти беа глуви за неговата екстрадиција веројатно затоа што имаше и српско државјанство. Последната екстрадиција од Србија била барана во јуни 2020 и досега нема одговор на барањето. Претходно, екстрадиции биле барани во 2004, 2013 и 2016 година.

Истрагите против Даравелски започнаа веднаш по промената на власта во 2002 година. Набргу потоа му беа поднесени неколку кривични пријави за злоупотреба на службената должност и овластувања по разни основи, а меѓу нив најтешката е за неуплатување на приходите од царините во Буџетот на државата и за отуѓување возила, сопственост на Царината и на други институции.

Беше наредена конфискација на негов имот во вредност на штетата што ја направил на државата, која почна во 2010 година. Меѓу нив беа и луксузниот стан во Скопје и дуќанот во Куманово, вредни околу 200.000 евра,  за кои владата деновиве донела одлука да ги продаде. Највредни акции од компаниите поврзани со Даравелски се конфискувани од скопска „Југоопрема“ – 690.000 евра и од кумановската фабрика за тули „КИК – 653.000 евра. Уште три компании останале без неговиот удел, „Козјак“, „Трготекстил“ од Скопје и ЗИК „Скачковце“ од Куманово. Најзначајните запленети акции беа во две банки – половина милион евра акции или 7,5% од вредноста на тогашна ИК банка и 2,5 проценти од акциите во Статер банка од Куманово, вредни 250.000 евра.