По деветти пат одложено судењето за „Талир“


Фото: Б.Грданоски

Судењето за незаконското финансирање на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, случајот „Талир“, со месеци се одложува и никако да почне. Вчера судењето не почна бидејќи една од поротничките од судечкиот совет е на боледување откако беше на операција. На рочиштето доцнеше и претставникот на ВМРО-ДПМНЕ бидејќи имало сообраќајка.

Следното рочиште е закажано за на 12 септември иако пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Илија Димовски бараше рочиштето да биде закажано за октомври бидејќи имале премногу закажани рочишта за септември.

„Судија мора да имаме и ние услови да ги следиме предметите. Во септември имаме многу закажани рочишта за ‘Титаник’“, рече пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ.

Судијата Осман Шабани му се обрати на Димовски велејќи дека предметот „Титаник“ е важен, но и дека предметот „Талир“ треба да се води.

Освен отсуството на некој од обвинетите или адвокатите, стартот на судењето дополнително го кочи и правното мислење на Врховниот суд, според кое СЈО не смее да покренува обвиненија и да отвора истраги по 30 јуни 2017 година, а обвинението за овој случај беше поднесено по спорниот рок.

Во случајот „Талир“ се обвинети: Никола Груевски, Кирил Божиновски и Миле Јанакиески кои се товарат за „злоупотреба на службената положба и овластувања“ и „перење пари“, како и Илија Димовски, Леко Ристоски и Елизабета Чингаровска обвинети само за делото „перење пари“. За истото дело, како правен субјект со обвинението е опфатена и ВМРО-ДПМНЕ.

На Елизабета Чингаровска нема да ѝ се суди бидејќи таа се спогоди со СЈО, призна вина и доби условна казна затвор од две години, која нема да се изврши ако во наредните пет години не направи друго кривично дело.

Според обвинението, тие незаконски добиле најмалку 4,6 милиони евра за партијата, а потоа организирале  парите да бидат уплатени на жиро-сметката на партијата преку уплатници на име на разни луѓе.