По целосно реновирање почна со работа градинката „Расадник“ во Кисела Вода


Градинката „Расадник“ во Општина Кисела Вода, во која е извршена целосна обнова, денеска почна со работа.

Во градинката, како што соопшти Општината, со поддршка и со средства од Владата во износ од 1,6 милиони денари, поставени се нови прозорци и надворешни врати, а со донација од 2,7 милиони денари од страна на Цементарница АД УСЈЕ поставена е и нова фасада со термичка изолација. Во сите простории во објектот „Расадник“ извршено е молерисување, стружење и лакирање на паркетот, дезинфекција и дератизација. Дезинфицирани се и душеците и клима уредите.

Градоначалникот на Општина Кисела Вода, Филип Темелковски во придружба на претседателот на Советот на Општината, Дарио Шимиќ, изврши увид во завршените активности за реконструкција на градинката. При увидот, директорката на градинката, Павлинка Топузоска детално го информирала градоначалникот за сработеното.

– Градинките на територијата на Кисела Вода работат согласно препораките од Владата и Министерството за здравство. Општина Кисела Вода и во периодот што следува со силно темпо ќе продолжи да ги подобрува условите за своите најмили жители, додаваат од Општина Кисела Вода.