По бурните реакции, роботот Сали засега нема да влезе во училниците во Њујорк
Училишниот округ на Саламанка во американската сојузна држава Њујорк го стопираше планот за воведување на човековидниот робот со вештачка интелигенција Сали (Sally) во училниците, по критиките од надлежните власти во образовнието, наставниците и дел од заедницата.
Училишниот одбор претходно одобри набавка на роботот, произведен од компанијата „Рилботикс“ (Realbotix), во вредност од речиси 60.000 долари (52.630 евра). Планот беше Сали – како неподвижен робот со долга кафеава коса, да им помага на средношколците кои изучуваат роботика и технолошки дисциплини. Суперинтендентот Марк Билер изјави дека роботот би можел да им го објаснува наставниот материјал на учениците и да им помага при практичната работа.
– Имате потешкотии со програмирање на Ардуино-плочка? Не знаете ни што е Ардуино-плочка? Прашајте ја Сали и таа може да ви објасни! – рече Билер обраќајќи им е на учениците. Преку овој проект учениците би можеле да научат и како се одржува роботот, како се ажурира и како се отстрануваат технички проблеми – додаде стручњакот.
Откако веста се прошири низ заедницата на домородниот американски народ Сенека, која е мнозинска во таа област, родителите и наставниците отворија прашања за заштитата на личните податоци на учениците. Синдикатот на наставниците во Њујорк ја критикуваше и поврзаноста на компанијата-производител со сестринска фирма поврзана со производство на секс-кукли, иако и училишниот округ и компанијата тврдат дека станува збор за одделни деловни субјекти.
– На робот произведен од компанија поврзана со секс-кукли не му е местото во нашите училници, изјави претседателката на Синдикатот, Мелинда Персон.
Во меѓувреме, пилот-проектот е ставен во мирување, додека училишниот округ соработува со државните власти за зајакнување на договорите за заштита на личните податоци на учениците и продолжува со јавните разговори со тамошната заедница.
Комесарката за образование на сојузната држава Њујорк, Бети Роса изјави дека и натаму е загрижена за улогата на роботот во училницата, особено откако во една презентација бил опишан како „платформа за подучување“. Од училишниот округ тврдат дека „Сали“ нема да собира лични податоци за учениците, нема да зема аудио-видеоснимки, нема да испраќа податоци до компанијата, ниту ќе пребарува на отворениот интернет-простор, а сите податоци ќе се чуваат локално.