По бурните реакции битолското здружение на пензионери се откажа од делење ваучери по 1.000 денари


Редици пред Здружението на пензионерите во Битола (Фото: ТВ Тера)

Откако настана вистинска мешаница и револт битолското здружение само два дена по најавата се откажа од ваучерите сѐ до завршувањето на локалните избори

 

Анета Блажевска

БИТОЛА – Само два дена од најавата, битолското здружение на пензионери се откажа од намерата да дали ваучери од по 1.000 денари за дел од своите членови со минимални примања. Откако направи вистинска мешаница и револт во јавноста здружението денеска извести дека акцијата за запишување ваучери за пензионери се прекинува до целосно завршување на локалните избори. 

„Се известуваат пензионерите, членови на ЗП Битола, дека акцијата за запишување на ваучери се прекинува, согласно Изборниот законик, сѐ до целосното завршување на локалните избори.

Сите поднесени документи за добивање на ваучери во меѓувреме ќе бидат ревидирани во смисла на исполнување на условите од Правилата за доделување хуманитарна помош на пензионерите, донесени од Извршниот одбор на ЗП Битола, според кои хуманитарна помош можат да добијат пензионерите чија пензија изнесува најмногу 13.000 денари без други додатни приходи во семејството, односно пензиите на сопруг и сопруга да не се повисоки од 20.000 денари, исто така без додатни приходи во семејството. Овие ваучери во вредност од 1.000 денари ќе бидат дадени на пензионерите после целосното завршување на локалните избори“, известија од здружението.

Од таму велат дека „во периодот после изборите ќе се овозможи ново запишување на пензионери, за доделување на ваучери доколку ги исполнуваат горе наведените услови, а не се претходно пријавени“.

Вчера веста за ваучерите, разбрана и недоразбрана, предизвика вистински метеж пред вратите на здружение, ама уште повеќе предизвика револт и незадоволство кај пензионерите кои обвинуваа дека не биле соодветно известени и дека за делењето на парите некои разбрале од телевизија, а други преку Фејсбук групите. 

Во Битола има над 18.000 пензионери кои месечно одвојуваат по 30 денари за членарина на здружението. Најголем дел од битолските пензионери се со ниски примања под 13.000 денари.

„Од тебе, од мене, разбравме дека ќе се делат ваучери од по 1.000 денари за пазарење во некој од битолските маркети. Без оглед на здравствената состојба моравме како пензионери да чекаме ред пред матичната банка за да извадиме  чекче од последната пензија, па потоа да го однесеме во Здружението на пензионери каде беше вистински метеж, бидејќи како што пензионерите дознаваа за веста така се зголемуваше турканицата. Службеникот го заведуваше само телефонскиот број на чекот со информација дека ќе нѐ известат телефонски за исходот. Сега се откажаа, не важи, избори биле, поткуп бил, не знам што бил, значи за џабе чекавме редици пред банките и пред здружението“, вели пензионер од Битола која сакаше да остане анонимен. 

На социјалните мрежи дел од коментарите беа дека ова се предизборни бисери, дека ваучерите се делат на сигурни гласачи, дека на народот му требаат пари за да живее, а не пари за семки.

Затекнати од ситуација се најдоа и другите граѓански здруженија од Битола чии членови се пензионери.

„Во ковид време ова е најгрдата можна опција за организираност, колку и да била убава намерата. Зошто тоа не се изведе на друг начин? 1.000 денари не се ни малку ни многу пари, за кој како, но начинот на организација е срамен, потценувачки за најранливата популација на наши граѓани. Народот наш рекол ‘Ако не знаеш како да направиш нешто, поарно не го прави’“, порача Светлана Петковска, претседателка на Организација на жени Битола.

Претседателката на Здружението на пензионери Даница Петличкова вчера јавно изјави дека средствата за ваучерите биле средства кои биле планирани за организирање на екскурзии, спортски и рекреативни активности и одбележување на некои празници, но коишто поради пандемијата со Ковид-19 не можеле  да ги реализираат.