По 50 години, прилепска улица доби канализација

Прилепски „Водовод и канализација“ е активен и интензивно работи на изградба на канализациска мрежа во населбите и улиците во Прилеп каде досега не било решено ова важно инфраструктурно прашање. Денеска со градските власти е направен увид на поставувањето канализација, на прилепската улица „Бистра планина“ во урбаната заедница „Сточен пазар“.

Според жителите, ова горливо прашање се решава дури по 50 години откако е формирана населбата, а како што информира директорот на „Водовод и канализација“ Емил Јанески, Јавното претпријатие во секој урбан дел од градот ќе спроведе канализациска мрежа и секое семејство ќе биде приклучено на главниот колектор.

-Во овој момент, на улицата „Бистра планина“ се гради канализациска мрежа во должина од преку 400 метри со поставување цевки со дијаметар Ф-400. Поради прифаќање на сите домаќинства од оваа улица, ќе спроведеме канализација уште околу 200 метра, со цевки Ф-200. Истовремено, привршуваме со канализациската мрежа на улицата „Јоска Јорданоски“, а во завршна фаза се работите на улиците „Гога Димитриоски“ и „Браќа Шукуроски“ во населбата Варош. По овие градежни зафати ќе ја промениме водоводната мрежа. Ќе ги замениме старите азбестни со нови, полиетиленски, за потоа, во соработка со локалната самоуправа да се асфалтира, рече Јанески.

Прилепскиот градоначалник, Илија Јованоски нагласува дека постепено се решаваат комуналните проблеми.

-Ќе продолжиме со изградбата на инфраструктурата во сите делови во нашата општина. Сѐ ќе направиме за до крајот на оваа година во целост да ја исполниме зацртаната програма, а со почетокот на новата година ќе започнеме со решавање на инфраструктурните проблеми на граѓаните од останатите населби во градот и во населените места, објаснува Јованоски.