По 5.000 евра за почнување сопствен бизнис добија 421 невработени


 

Министерката за труд и социјална политика Мила Царовска, директорката на Агенцијата за вработување Билјана Јовановска и постојаната претставничка на УНДП во Северна Македонија Нарине Сахакјан денеска во Тетово се сретнаа со невработени лица кои се селектирани за користење на неповратни средства од програмата за самовработување.

Од вкупно 421 дополнително селектирано лице за кои се обезбедија средства од ребалансот на годинешниот буџет најголем број, односно 81 се од Тетово. Овие лица, соопшти денеска Министерството за труд и социјална политика, по успешно изработениот бизнис план набрзо ќе може да ги регистрираат своите фирми и ќе почнат со работа.

Министерката Царовска истакнала дека самостојните корисници добиваат грант предвиден со Оперативниот план за 2019 година до 5.000 евра, или ако се двајца содружници до 10.000 евра.

– Навистина ми е драго што меѓу вас има многу млади луѓе коишто имаат идеја за бизнис. Верувам дека вашите бизниси ќе станат одржливи и ќе растат со што ќе имате потреба од нови вработувања. Оваа година навистина бележиме огромен интерес за програмата Самовработување, и затоа Владата водејќи се пред се од интересот на невработените лица да се активираат на пазарот на трудот, одвои рекордни скоро 8 милиони евра како поддршка на поголем број идни претприемачи од првично предвидените средства, потенцирала Царовска.

Во последните три години средствата за Програмата за самовработување се зголемени повеќе од два пати во споредба со периодот од 2007 до 2016 година.

Постојаната претставничка на УНДП, Сахакјан изразила задоволство од многу годишното успешно партнерство со Владата и другите национални партнери при имплементацијата на Програмата за самовработување.

– Поради огромниот интерес за мерката што постојано расте, навистина можеме да кажеме дека самовработување е бренд програма на секој Оперативен план. Посебно ни е драго што младите стануваат движечка сила на оваа мерка со своите нови и иновативни бизнис идеи кои во иднина ќе генерираат и нови работни места, рекла Сахакјан.

Директорката на АВРСМ Билјана Јовановска информирала дека освен самовработување отворени се и други активни мерки од Оперативниот план за 2019 и тоа за ИТ обуките и за субвенционирање на платите.

– На ниво на цела држава за годинава предвидено е потпишување на вкупно 1.484 договори за самовработување. Од нив вкупно 557 лица, односно 38 проценти се млади лица, до 29 години, а 518, односно 35 проценти се жени, рекла Јовановска.

Во последните неколку години околу 15 проценти од вкупно регистрираните приватни бизниси во државата
потпаѓаат под Програмата самовработување. Од 2007 година се формирани над 30.000 бизниси со самовработување, од кои 65 проценти се уште се активни.