По 30 години СДСМ победи во Општина Новаци на парламентарни избори

Во Општина Новаци СДСМ освои 992, а ВМРО-ДПМНЕ 942 гласови

Од бастион на ВМРО-ДПМНЕ Новаци по локалните избори во 2017 се претвори во упориште на СДСМ. Во Битола, СДСМ победи во центарот на градот, а ВМРО-ДПМНЕ во периферните населби

 

БИТОЛА – По триесет години од првите повеќепартиски парламентарни избори во Македонија во Општина Новаци победи СДСМ со коалицијата. Новаци како дел од Пелагонија од секогаш се сметаше за бастион на ВМРО-ДПМНЕ, но на последните избори СДСМ извојува победа со педесет гласа разлика пред опозицијата. За познавачите на политичките прилики во Пелагонискиот регион, резултатот на СДСМ во Новаци е   едно од најголемите изненадувања на овие избори, па се прашуваат дали Новаци прераснува во „тврдина“ на СДСМ. Во Општина Новаци за Коалицијата „Можеме“ гласаа  992 гласачи (48,41 процент), а за ВМРО-ДПМНЕ 942 (45,92 проценти).

На парламентарните избори во 2016 година  во Општина Новаци за ВМРО- ДПМНЕ гласа 1.374 гласачи (59,58 отсто), додека за СДСМ 753 гласачи (32,65 отсто). Што значи дека за четири години СДСМ успеала да привлече 239 нови гласачи, додека ВМРО-ДПМНЕ да изгуби 432.

„Успеавме после цели три децении од првите парламентарни избори да победиме во Општина Новаци. Тој тренд започна во 2017 со локалните избори и еве продолжи и на овие избори. Едноставно, граѓаните препознаа дека работиме за нивно добро, ги исполнуваме ветувањата, носиме развој. Резултатите од нашата работа се видливи на сите полиња, како на централната власт така и на локално ниво“, вели Љубе Кузманоски, претседател на изборниот штаб во Новаци на Коалицијата „Можеме“ и актуелен градоначалник.

Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека лани на претседателските избори партијата добила 186 гласови повеќе од СДСМ.

„Бидејќи не се чувствувам дека живеам во демократско општество не можам да ги коментирам резултатите кои произлегоа од овие избори во Општина Новаци“, оценува Стевче Стефановски претседател на ВМРО-ДПМНЕ во Општина Новаци, шеф на изборниот штаб на коалицијата „Обнова за Македонија“.

На локалните избори во 2017 година, актуелниот градоначалник Љубе Кузманоски победи со 1.183 гласови наспроти 977 на Лазе Котевски од ВМРО-ДПМНЕ.

Во соседната пелагониска општина Могила гласачите беа повеќе наклонети кон коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ и за нив гласаа 1.822 гласачи, а за СДСМ  1.375 гласачи. Разликата во гласови е 447. На Изборите во 2016 година, ВМРО-ДПМНЕ освои 2.230 гласови, пред СДСМ со 1.469, односно разлика од 761 глас. СДСМ победи на локалните избори во 2017 година во Општина Могила кога актуелната градоначалничка  Јасмина Гулевска освои 1.913 гласа пред независниот кандидат Стево Пивковски кој освои 1.735 гласови.

во Битола коалицијата „Можеме“ освои  1.104 гласови повеќе од ВМРО-ДПМНЕ. За коалицијата на СДСМ гласаа 19.605 лица, а за ВМРО-ДПМНЕ 18.501.

Во Битола градот гласал за СДСМ, а поголемите села за ВМРО ДПМНЕ.

Најголемата разлика во своја корист ВМРО-ДПМНЕ ја направи во Горно и Долно Оризари, Кравари, Бистрица и Крклино каде се стекна со предност од околу 1.000 гласа.

Во Буково, Маловишта, Нижеполе и Логоварди победи СДСМ и коалицијата.

„’Можеме’ победи на гласачките места во центарот на градот, тие се традиционално ориентирани кон левицата, ги добивме истите гласови од вториот круг на претседателските избори лани. Но, разликата сега е во тоа што во населбите каде што досега победувало ВМРО-ДПМНЕ, а тоа се периферните населби на Битола, на овие избори разликата е многу помала и неубедлива, а некаде е и изедначена. Традиционалните гласачки населби кои досега гласале за ВМРО ДПМНЕ, како Смилевски Баир и Јени Маале, сега двете партии освоија подеднаков број гласови. За овие избори е карактеристично тоа што СДСМ и коалицијата победија со 19.605 гласови. Овие гласови на коалицијата ‘Можеме’ се најмалиот број гласови со кои која било партија победила на последните десет изборни циклуси во Битола“, анализира Валентин Груевски од Коалицијата „Можеме“. (А.Б.)