По 25 години, Шурбановски заминува од Скопскиот џез фестивал


„По речиси 25 возбудливи години, заминувам од Скопскиот џез фестивал (СЏФ), во потрага по нови авантури и предизвици. Ви благодарам за поддршката и соработката, ви посакувам сè најдобро на приватен и професионален план. Се надевам дека ќе имаме прилика повторно да соработуваме, соопшти со допис до медиумите, Костадин Шурбановски, музички новинар, менаџер, диџеј, и радиоводител, кој беше на функцијата директор на Скопскиот џез фестивал.

За сите прашања околу фестивалот, ја упати јавноста да се обрати кај основачот и организатор на СЏФ, Оливер Белопета. Белопета пак, покрај СЏФ, фестивалот кој постои 43 години, стои и зад организацијата на ОФФ-Фест.

По пензионирањето на Белопета, Шурбановски стана директор на СЏФ, но сите досегашни изданија ги организираа заедно. Скопскиот џез фестивал во 2009 доби Орден за заслуги на Македонија. 

СЏФ и ОФФ-Фест се едни од најпознатите фестивали кај нас. Минатата година пред одржувањето на 23-то издание на ОФФ-Фест, на прес конференција Белопета соопшти дека иднината на двата фестивали е неизвесна.

Минатата година СЏФ беше поддржан со сума од 3.800.000 денари, односно околу 62.000 евра на Конкурсот за финансирање на проекти од национален интерес во културата. ОФФ-Фест пак, лани од истиот Конкурс беше поддржан со сума од 2 милиони денари, односно околу 32.500 евра.