По 22 години во НОБ обновен балетот „Жизел“-костимите ги дизајнираше Ношпал


На сцената на Националната опера и балет  в сабота (30 октомври) во 20 часот, после 22 години со обновена верзија ќе се одигра балетската премиера „Жизел“.

„Жизел“ – магичната и безвременска приказна за несреќната љубов, преточена во музиката на францускиот композитор Адолф Адам.

Адаптацијата на кореографијата е на Ирена Пасариќ од Хрватска, според кореографијата на Жан Корали, Жил Перо, Мариус Петипа и Леонид Лавровски. Пасариќ е хрватска примабалерина со богата домашна и меѓународна кариера, како и поранешен директор на Балетот на Хрватско народно казалиште (ХНК) во Загреб.

На премиерата со оркестарот на Национална опера и балет ќе диригира маестро Иван Еминовиќ. Костимите се дело на нашиот долгогодишен соработник, познатиот костимограф  Александар Ношпал, кој за оваа балетска премиера заедно со Михајло Стојановски ја изработија и сценографијата. Репетитори се Горан Божинов, Александра Мијалкова, Лора Тарчуговска и Билјана Пашариковска.

Настанот ќе се одржи според протоколите предвидени со моменталната состојба предизвикана од пандемијата Ковид-19 за одржување настани, одобрени од Комисијата за заразни болести.

Влезот е дозволен само со потврда за извршена вакцинација против КОВИД-19  или потврда за прележан КОВИД-19 во последните 45 дена, сметајќи од денот на оздравувањето. Задолжително е носење на заштитна маска. Билетите се пуштени во строго ограничен број.

Лани, по неговите најдобри  и воедно најтешки проекти — кои ја одбележаа неговата кариера —реализирани надвор, во големи и познати театарски куќи: Лебедово езеро и Оревокршачка во Операта во Лајпциг; Атмосфери во Балетот на Рајна во Дизелдорф; Калигула во Сент Гален, Швајцарија; големиот број балетски претстави во ХНК — Сплит и ХНК — Риека; Песни без зборови — дел од балетниот триптих во ХНК — Загреб, каде што неговите костими се рамо до рамо до оние на Версаче, нашиот врвен креатор и костимограф Александар Ношпал оствари уште еден професионален сон- да дизајнира костими за славниот театар „Бољшој“ во Москва кој ги отвори вратите за публиката по пауза од шест месеци заради коронавирусот. Премиерата на „Силентиум“ се случи на 10 септември, во кореографија на Мартен Шекс со кој Ношпал одамна соработува и со врвни балерини и балетани на сцена како примабалерината Светлана Захарова, Џакопо Тиси…

Преклани во Дизелдорф, фото: Мартен Шекс

Ношпал во претходно интервју за „Независен“ изјави дека кореографијата е негова љубов и вечна инспирација, никогаш нема да престане да се занимава со неа.

– Костимографијата бара и малку поинакви познавања на многуте нешта, бара широк ум, поголемо истражување, образование и интелигенција. Костимографијата се смета за самиот врв во креирањето на облеката: не е случајно што многу познати модни имиња сакаат и се радуваат на работата во театарот, посебно во балетот, кој е најдиректно поврзан со комоцијата и убавината на човечкото тело, но во движење. Поточно: со тело во „максималното“ движење, вели Ношпал.