По 15 години Струмичкиот театар „Антон Панов“ повторно на МОТ


По 15 години Струмичкиот театар „Антон Панов“ со претставата „Циркус Пирандело“ вечер се враќа на Младиот отворен театар (МОТ). Претставата, која неодамна имаше премиера, е селектирана во официјалната програма на 47-мо издание на Фестивалот, кој се одржува од 10 до 19 ноември во Скопје.

Според информациите од струмичкиот театар, нивната претстава е во конкуренција на 25 претстави од Словенија, Грција, Турција, Велика Британија, Србија, Црна Гора и Северна Македонија.

„Циркус Пирандело“ е работена по текстови на Луиџи Пирандело, а во адаптација и режија на Бојан Трифуновски.

Претставата ќе се одигра вечер со почеток во 20 часот во салата „Фросина“ во Скопје.

Годинашното издание на МОТ се случува во годината на одбележување на големиот јубилеј-50 години Младински културен центар Скопје (МКЦ).