По 11 години од пожарот на домот „Копанки“ изградена чатијата


 

БИТОЛА – Планинарскиот дом „Копанки“ на Пелистер по 11 години од големиот пожар доби чатија и веќе заличува на старата градба на ова некогаш култно место за битолчани.

Градежните работи се интензивираа во последните три години, особено оваа градежна сезона. По завршувањето на бетонската конструкција се работеше на кровната конструкција, по што ќе продолжат ѕидарските работи доколку дозволат временските услови.

„Градежните активности на планинарскиот дом ‘Копанки’ влегуваат во финалната фаза. Во моментот се привршуваат активностите за заокружување на карабината со покрив. Во следните две недели ќе продолжи поставување на лим на кровот и ѕидањето на страничните калкани. Следна фаза е застаклување и внатрешно уредување на објектот кое се очекува да биде завршено до крајот на идното лето. Битола се гради повеќе од секогаш, а една од најзначајните активности е и обновување на планинарскиот дом ‘Копанки’, култно место за битолчани кое го реализиравме заедно со ПСК ‘Пелистер’ Битола“, изјави денеска градоначалникот на Битола Тони Коњановски по увидот на терен.

Во 2013 година на Пелистер до темел изгоре планинарскиот дом „Копанки“, а 8 години подоцна и помалиот планинарски дом „Ловечка куќа“, по што планинарите и посетителите на Пелистер останаа без капацитети за преноќевање на Баба Планина. Големи беа апелите на планинарите и воопшто на битолчани за обнова на објектот.

„Копанки“ имаше неколку големи соби со поголем број на кревети за ноќевање, целосно опремена кујна и двор. Посетеноста беше голема во објектот, така што не се знае бројот на посетители кои најмалку еднаш престојувале на „Копанки“.

Од општина Битола нагласуваат дека Планинарскиот дом „Копанки“ е особено значаен објект за сите битолчани, како и за развој на туризмот, поради што локалната самоуправа во изминатите  години овозможи голема поддршка обезбедувајќи финансии за реализација на овој проект, завршување на обновата и ставање во функција на објектот.

„Копанки“ започнал да се гради со одобрение од тогашната власт во 1936 година, а со доброволни акции и придонеси од граѓаните и еснафот на Битола и со тоа како што велат планинарите доби значење – „манастир“ на планинарството.

Домот изгоре во јануари 2013 година, а две години подоцна, беше легализиран како сопственост за планинарскиот клуб ПСК „Пелистер“. По големиот пожар прашањето околу сопственоста на домот влезе и во судските лавиринти. (А.Б)